
Кожуф за новата сезона во Втората македонска фудбалска лига се засили со неколку играчи, а со тоа второлигашот од Гевгелија ќе атакува на висок пласман, односно да се напаѓаат местата за пласман во Првата лига.
Нови засилувања во Кожуф се Никола Сарески, Александар Ѓорѓиески, Јорго Папули, Александар Богданоски, Дарко Грозданоски, Петар Гугуљанов, Филип Ѓорѓиевски и Дамјан Антевски.
Сарески во Кожуф пристигна од редовите на прилепска Победа, а 19-годишното лево крило настапуваше и за Тетекс. Ѓорѓиески во Кожуф пристигна од радовишки Детонит Плачковица, 24-годишниот охриѓанец кој е играч од среден ред во минатото беше дел од Воска Спорт, Македонија ЃП, Охрид, Борец и Вардар.
19-годишниот Богданоски во Кожуф пристигна од редовите на младиските погони на Шкупи, тој е повратник во Кожуф, а настапуваше и за младинските категории на Работнички.
Грозданоски во Кожуф доаѓа од црногорски тим Грбаљ, а претходно напаѓачот ги бранеше боите на прилепска Победа, Беласица, Вардар, Силекс, Тиквеш, како и за екипата на Прва Искра од Србија, беше дел и од У-19 тимот на Црвена Ѕвезда, додека пак во Кипар настапуваше за Олимпиас Лумпион.
22-годишниот Папули во Кожуф пристигна од редовите на Вардар, а беше во вториот тим на Стеуа Букурешт во Романија, настапуваше за Академија Пандев или сега Брера Струмица, а младинските категории ги помина во Металург.
Кожуф средниот ред го засили и со 22-годишниот Гугуњанов кој доаѓа од редовите на струмичка Беласица, а во Кожуф беше промовиран и Ѓорѓиевски од второлигашот Скопје, а овој фудбалер е роден 2003 година.
Во Кожуф од редовите на третолигашот Куманово кој беше шампион во Трета лига – Север пристигна и Антевски, кој има настапувано и за младинските категории на Работнички и Македонија ЃП.
Кожуф новата сезона во Втората лига ја започнува на домашен терен против Каменица Саса.
Александар Ванев, М-Нет