
Кошаркарскиот клуб Борец Баскет од Велес официјално го претстави новото засилување во своите редови – искусниот кошаркар Предраг Пајиќ, кој ќе го носи дресот на велешани во завршницата од сезоната и во плејофот од Првата кошаркарска лига.
Ангажманот на Пајиќ доаѓа во вистински момент за Борец, со оглед на тоа што клубот добива играч кој ќе го пополни недостатокот на крилната позиција, носејќи стабилност, искуство и сигурност во играта. Станува збор за кошаркар со богата домашна и регионална кариера, кој зад себе има настапи за екипи како Вардар, Фени, Кожув, Пелистер и ФМП, а во текот на актуелната сезона беше дел од составот на Овче Поле.
Од таборот на Борец Баскет очекуваат Пајиќ брзо да се вклопи во системот на игра и да даде значаен придонес во клучните натпревари што следуваат. Дополнителен оптимизам носи фактот што новото засилување ќе го има своето деби во Велес веќе овој викенд, што ќе биде прва можност навивачите одблиску да го видат во акција.