Квалитетно сирење ли купуваат граѓаните од продавниците во Македонија?

Бурни реакции кај штипјани по случајот со млечните производи за кои Агенцијата за храна и ветеринарство утврди неправилности во составот. Велат дека едвај врзуваат крај со крај за да купат млеко, сирење и други основни работи, а на крај не го добиваат квалитетот што го плаќаат. Дел анкетирани граѓани бараат построги казни, па дури и затворање на фирмите кај кои се утврдени вакви пропусти, бидејќи, како што велат, вака само се губи довербата кај купувачите.

Контролите на АХВ покажале дека кај дел од млекото и сирењата имало помалку млечна маст отколку што било наведено на пакувањето, поради што биле изречени и казни.

,,Од земените и лабораториски анализирани 45 мостри од млеко и млечни производи,  кај 10 оператори утврдено е дека анализираните примероци не одговараат  на одредбите од Правилникот за квалитет на земјоделските производи, односно, со тестирањата констатирано е дека во производите има помал процент на млечни масти од декларираното. Кај еден оператор со храна, со лабораториско тестирање на мостра од одземените 22 килограми ситно сирење, утврдено е дека биле декларирани 20 проценти млечна маст, а производот содржел само 1 процент, за што му е изречена  парична казна од 3 500 евра во денарска противвредност.“, соопштуваат од АХВ

Од Агенцијата за храна и ветеринарство велат дека контролите кај производителите и увозниците на млеко и млечни производи ќе продолжат и во наредниот период. Додека институциите најавуваат засилен надзор, граѓаните очекуваат поголема заштита и построги санкции за оние што ги доведуваат во заблуда. Зашто, велат, кога едвај се одвојуваат пари за основните прехранбени производи, најмалку што заслужуваат е да го добијат квалитетот што им е ветен на декларацијата.

Иван Митев, М-Нет