
Малку подобар од претходниот вторник ама далеко од задоволителен пазарот во село Облешево. Продавачите велат раздвиженоста е речиси незабележителна, а слаба е и побарувачката. Додаваат дека работат макотрпно, цел ден во бавча, за едвај да заработат пари за леб. Од друга страна загрижува фактот што младите не сакаат да се занимаваат со земјоделие, па за неколку години нема да има кој да работи.
„Нема раздвиженост, цените се пристапни за секого ама потрошувачка нема. За нас е многу лошо, не може човек само за леб да изваде. Ем работеме ем пари нема.“ – велат продавачите.
За купувачите солиден пазарен ден. Согласни дека има избор на производи иако според нив зелката и карфиолот се скапи согласно примањата. Но, велат секој купува колку му дозволуваат можностите.
„Цените се тука некаде, нешто поскапо, нешто поевтино, важно народот си купува на кој што му треба„ – додаваат купувачите.
На пазарот во Облешево најмногу се бараше и трошеше пиперот, доматите, како и производите за туршија, корнишони, карфиол и слично. Побарувачка имаше и кај јаболката и сезонското овошје.
Лаура Стојанова М-Нет