Каналот на ул. „Васил Доганџиски“ Штип гние во ѓубре, надлежните работат по програма

Различен вид на отпадоци, пластични шишња, „зачинети“ со земја и шут, ваква е сликата во каналот на улица Васил Доганџиски во Штип, кој гние во ѓубре. Граѓани реагираа до нашата редакција, па екипата на М-Нет телевизија беше на терен. Отпадоците во каналот стојат подолг временски период велат граѓаните кои ги сретнавме таму. Сликата грда, миризбата блиску до неподнослива. Граѓаните велат дека проблемот и претходно бил пријавуван до надлежните, но тие освен ѓубре не виделе работа на терен, да дојде некој и да го исчисти каналот. Додаваат дека и граѓаните придонесуваат за ваквата грда слика, но и очекуваат каналот во најбрзо време да биде исчистен.

„Јас не сум видел никој да го чисте канало, гледам само ѓубре“

Чистењето на атмосферските канали во Општина Штип е во надлежност на ЈП „Стипион“. Конкретно кога ќе се исчисти каналот на улица Васил Доганџиски и заошто до сега не е исчистен го прашавме директорот на претпријатието Игор Ефтимов. Тој истакна дека се работи по програма, а овој канал сѐ уште не е на ред.

„Сакам да ги известам граѓаните на Општина Штип дека од први април ЈП Стипион започна со чистење на сите атмосферски канали во градот. За каналот за кој вие конкретно ме прашувате не е дојден на ред бидејќи работиме по програма. За ваше известување токму нареден ќе биде каналот кој се наоѓа на улицата Васил Доганџиски.“ – кажа Ефтимов.

Директорот Ефтимов посочи дека во изминатиот период се исчистени дел од атмосферските канали, додавајќи дека ќе се работи и на останатите кои се полни со ѓубре.

Лаура Стојанова М-Нет