
Новата сезона во ракометната Суперлига на Македонија ќе започне на 7. септември, меѓутоа форматот ќе биде поинаков во однос на претходната сезона.
Минатата сезона ракометната елита на Македонија броеше 16 екипи кои беа поделени во две групи по осум екипи. Првите четири екипи од двете групи се пласираа во плеј-офот, а последните четири од двете групи во плеј-аутот.
Меѓутоа Ракометната федерација на Македонија се одлучи за драстично кратење на лигата од 16 на 12 екипи, па тоа значи дека во новата сезона од Суперлигата ќе биде единствена односно во една група, како што беше во сезона 2021/2022.
Во новата сезона ќе игра шампион Еурофарм Пелистер, вицешампионот Вардар, освојувачот на Купот на Македонија Алкалод, Тиквеш, Пролет, Куманово, Охрид, Прилеп, Струга, Бутел, повратникот Радовиш и дебитантот Бисинов од Велес.
Првите шест на табелата по комплетирање на регуларниот дел ќе обезбедат место во плеј-офот и ќе разигруваат за титула и излез во Европа, а пак последните шест екипи односно екипите од седмо до 12-то место ќе разигруваат за опстанок во Суперлигата во плеј-аутот.
Како што веќе информираше телевизија М Нет во првото коло ќе гледаме дерби меѓу Алкалоид и Вардар, Бутел против Куманово, Прилеп ќе биде домаќин на Пролет, повратникот Радовиш ќе го пречека Охрид, Струга против новајлијата Бисинов, а пак Тиквеш на домашен терен ќе се соочи со шампионот Еурофарм Пелистер, кој од Кавадарци ја започнува борбата за одбрана на шампионската титула.
Александар Ванев, М-Нет