Каква позадината има втората катна гаража во Штип – препирки меѓу власта и опозицијата

Предизборно централното градско подрачје во Штип е раскопано во обид да се покаже дека нешто се работи, а градежни активности нема – посочија денеска на прес конференција од СДСМ Штип. Велат дека Јорданов свесно ги казнува жителите од центарот на Штип.

„Непознавањето на Законите, инфраструктурата во градот и непланското работење е причина за немање ниту паркинг ниту катна гаража. Надлежните го раскопаа паркингот и поткопаа цистерна за која сега или немаат идеа и план како и дали смеат да ја дислоцираат или досега веќе ја испумпаа. Дали по навика се дрзнат по нафтата или се работи за основно непознавање и фушерајско работење како по примерот во основните училишта и во градинките или можоби пак се работи за добро организирана криминална шема за кражба на нафта? “ – посочија на прес конференција од СДСМ.

Денеска или утре цистерната треба да биде дислоцирана, а активностите на терен да продолжат, истакна Јорданов. Во периодот кој следи посочува дека и овде ќе има нови паркинг места за граѓаните во Штип.

„Очекувам денеска или утре да се отстрани цистерната која подземно била инсталирана. Пративме известување до релевантните институции кои потврдија дека е во нивно владеење и во нивна сопственост и имаме дозвола да се дислоцира истата цистерна за да може да продолжат активностите од страна на економскиот оператор“ – одговори Јорданов.

Катната гаража кај стоковна куќа „НАМА“ е со вредност некаде околу пет милиони денари.

Лаура Стојанова М-Нет