
По четири одиграни кола во сите шест региони во Трета лига веќе има екипи кои започнуваат да градат бодовна залиха во однос на конкурентите.
Лидер во Трета лига регион 1 е тимот на Илинден со максимални 12 бодови, а го следат БВК Коњаре и Студеничани кои имаат по десет бода.
Во регион 2 на челната позиција на табелата е Куманово со максимални 12 бодови од четири мечеви, а Пчиња е на второто место со десет бодови, додека пак на третото место е Јуниор со девет бодови.
Во Трета лига регион 3 на врвот од табелата е ланскиот шампион кој не го помина баражот за Втора лига, Победа од Валандово со максимални 12 бодови, на второто место е дебитантот Огражден од Ново Село со десет бодови, а пак Малеш е трет со осум бодови.
Екипите кои најавија отворени амбиции за влез во Втора лига – Каменица Саса и Овче Поле разочараа на стартот од сезоната. Тимот од Македонска Каменица кој лани испадна од Втора лига е на шестото место со шест бодови, а пак тимот од Свети Николе е седми со пет бодови. Ланскиот второлигаш Слога од Виница по четири кола има само еден бод и се наоѓа на десеттото место во конкуренција на 12 екипи.
Во Трета лига регион 4 на првото место е Победа со максимални 12 бодови, втор е тимот на Венец до Долни Дисан со десет бодови, а со по девет бодови Превалец и Големо Коњари го делат третото место.
Влазерими од Кичево и струшки Караорман го делат првото место во Трета лига регион 5 со по девет бодови, со тоа што тимот од Кичево има натпревар помалку. Влазерими има перфектен старт со три од три, а пак стружани имаат три победи и еден пораз.
Со по седум бодови екипите на Баир Спорт, Напредок од Кичево и Напредок од Ношпал го делат третото место.
Во Трета лига регион 6 лидер е тимот на Доброшти со десет бодови со ефект од три победи и едно реми, а пак пет екипи се позиционирани од второто до шестото место со по седум бодови – Дрита, Гостивар, Џепчиште, Лирија и Кораб.
Шампионите во секој регион на Трета лига ќе обезбеди бараж за Втора лига.
Александар Ванев, М-Нет