
Да се затворат прозорците и ролетните во текот на денот, да се климатизираат просториите, да се избегнува престој на директно сонце во периодот од 11 до 17 часот и да се носи светла и лесна облека – се дел од препораките на Институтот за јавно здравје поради најавените високи температури.
Доколку престојот на отворено е неопходен, се препорачуваат почести одмори под сенка и избегнување директен престој на сонце. Граѓаните треба да внесуваат доволно течности во текот на целиот ден, без да чекаат да почувствуваат жед. Најдобар избор е водата за пиење, а може да се консумираат и минерални безалкохолни пијалаци. Се препорачува да се избегнуваат алкохолни пијалаци, пијалаци што содржат кофеин и многу ладни пијалаци.
Институтот советува и внесување умерена количина храна, со избегнување масна и висококалорична храна, како и производи со голема количина шеќер. По потреба се препорачува туширање со млака вода, а за дополнително разладување – ладни облоги или потопување на стапалата во ладна вода.
Посебно внимание треба да се посвети на лицата над 60 години, бремените жени, децата, социјално ранливите категории, работниците на отворено, како и лицата со хронични заболувања. За нив е особено важно да ги почитуваат препораките и редовно да ја земаат пропишаната терапија, а при секоја промена на здравствената состојба да се консултираат со матичниот лекар. Граѓаните на терен велат дека препораките ги почитуваат и дека внимаваат на сопственото здравје
Доколку се појават зашеметеност, слабост, интензивна жед или главоболка, лицето треба да се префрли на постудено место, да ја измери телесната температура и да внесува течности. Ако се јават топла и сува кожа, престанок на потење, конфузија, отежнато дишење или губење на свеста, потребно е веднаш да се повика Итната медицинска помош на 194 или 112, а до нејзиното пристигнување лицето да се префрли на студено место, да се разладува со ладни облоги и да се постави во бочна положба доколку е без свест.
Иван Митев, М-Нет