
Не помина ниту еден ден од реакциите за штипската населба Осми ноември, а само еден месец по прилогот кој М-Нет ТВ го објави по реакција на граѓани за уништените клупи во градот. Овојпат реакции пристигнаа за клупите и реквизитите во населбата Пребег. Граѓани посочуваат дека повеќето од клупите се искршени и нефункционални, а меѓу поголемиот број во населбата не се исклучени и оние на новото спортско игралиште во населбата, кое во употреба беше пуштено пред само месец и половина. Сликата на терен беше токму таква. Она што го затекна екипата на М-Нет ТВ беа отпадоци, клупи без една или повеќе даски, кај најновите, или, пак, такви со избледена боја, кај поодамна поставените. Пред повеќе од еден месец, директорот на ЈП „Исар“, Кирил Зајков, во изјава за М-Нет ТВ посочи дека за ваквата состојба се свесни, но и дека работат постојано за подобрување на истата.
„Констатиравме дека дел од клупите се оштетени и тоа е утврдена динамика на самото Јавно претпријатие и во претходните години. Тоа го направивме и оваа година, извршивме репарација на истите т.е. извршивме префарбување и замена на оштетените седечки делови на клупите. Дополнително, поставивме нови десет клупи, во кругот на ЈП има изработено уште нови пет клупи кои ќе бидат поставени во периодот кој следи“, рече Зајков.
Вчера штипјани реагираа на граѓанската некултура и со тоа посочија дека не може многу да се направи ако сами не ги чуваме поставените клупи, реквизити и јавни тоалети. Апели постојано испраќаа и надлежните.
Ребека Спасова М-Нет