Инфективното одделение во Штип со седум пациенти, претежно со полесна клиничка слика

Штипското инфективно одделение со незначително зголемен број ковид – пациенти. Дел вакцинирани со две дози вакцина, друг дел со коморбидитети, претежно повозрасни граѓани, над 60 години, е ковид – билансот во Болницата. Сепак, началникот на Инфективно одделение, д-р Дијана Шишкова – Гајдарџиска, уверува дека пациентите поминуваат со полесна клиничка слика и третман во домашни услови, што всушност е и карактеристика на сојот омикрон.

„Овие денови има раздвиженост, поголем број на пациенти се јавуваат и во амбуланта. Во текот на вчерашниот ден се пратени 15 пациенти, дел од нив суспектни на ковид, дел позитивни и нешто контролни прегледи, а во болничкиот дел хоспитализирани се седум пациенти. Тие што се хоспитализирани имаат потреба, индикација за хоспитализација, тие што имаат прележано и примано вакцини приметуваме дека поминуваат со полесна клиничка слика и генерално започнуваат со амбулантски третман во домашни услови“, вели д-р Шишкова – Гајдарџиска.

Во моментов претежно станува збор за пациенти со коморбидитети кои доаѓаат од другите одделенија, па по позитивен ковид – резултат се пренесуваат на Инфективното одделение. Иако моментната ситуација не е загрижувачка, д-р Шишкова – Гајдарџиска потсетува дека треба да бидеме внимателни, бидејќи смета дека како што е во другите држави, така и кај нас бројките ќе се зголемат.

„Треба да бидеме внимателни, барем луѓето кои имаат коморбидитети и намален имунитет да бидат внимателни, во поголеми простории да носат заштитни маски“, додава д-р Шишкова – Гајдарџиска.

Состојбата пациенти да доаѓаат на други одделенија, па како позитивни на ковид да се изолираат на посебен оддел се пресликува и во Италија. Медицинскиот директор на Болницата во Боргоманеро, претходно раководител на тимот задолжен за справување со пандемијата, од Штип вели дека засега одделите и кај нив не се оптеретени со ковид – пациенти.

„Помал број на пациенти имаат потреба да бидат на интензивна нега. Се разбира, и понатаму имаме високи бројки на позитивни пациенти. Знаете, има пациенти коишто се позитивни, но имаат потреба од други медицински услови, како на пример на ортопедија или хирургија, така што мора нив да ги изолираме во посебни делови од болницата за да спречиме ширење на вирусот. Вакцините многу ни помогнаа и тоа е видливо, бидејќи одделите за интензивна нега не е толку оптеретени како што беа претходно. Во болницата имаме 20 пациенти, од коишто само еден е на интензивна нега“, вели Арабела Марија, медицински директор на Болницата во Боргоманеро.

Од Инфективното одделение во Штип уверуваат дека амбулантите се покриени, а и болничкиот дел има доволно доктори согласно со бројот на пациенти. Сепак, состојбата се надгледува, па медицинскиот кадар ќе се менаџира согласно со бројот на хоспитализирани.

Ребека Спасова М-Нет