
42 годишен штипјанец со престој во Германија се удави во водите на Дојранското езеро. Од СВР Струмица потрведија дека околу 11:30 часот е пријавено дека лицето со педалника влегло во водите, но набрзо потонало. Во 19:12 часот телото е пронајдено и извлечено од водите на езерото. Смрт констатирал лекар од Итната медицинска помош, а по наредба на Јавен обвинител телото ќе биде предадено за обдукција.
Регионалниот ЦУК Струмица, информираа дека лицето во почетокот на потрагата било непознато. Настанот се случил кога тоа лице било качено на пловило за рекреација, „педелинка“, што најверојатно се превртело, а лицето не знаело да плива. За сега, нема податок дали имал безбедносен елек. Телото на давеникот веднаш не е пронајдено заради тоа што во езерото има многу трски, алги, а и слаба е видливоста – практично видливоста е до 1м длабочина кога езерото е мирно. Но, попладне по 16 часот почнал да дува ветер и бранови со што видливоста се намалила уште повеќе.
Местото на настанот било блиску до брегот и било обезбедено од припадници на МВР, кои ги известиле сите институции и побарале помош од специјалните нуркачки единици од МВР Тигри за да се спроведе акцијата за пронаоѓање на телото. На лице место биле се ТППЕ и СВР Гевгелија, а и припадниците на граничната полиција биле во потрага со чамец, а од 16.00 часот специјалниот нуркачки тим, со 2 возила и 5 лица, од Специјалната антитерористичка единица „Тигар“ трагал по телото на давеникот. Во потрагата биле вклучени и гранична полиција Дојран со 2 полицајци и 1 чамец и ПС Гевгелија со 6 полицајци.
Дали имало спасувачи крај езерото е прашање кое се поставува по немилиот настан. Ова прашање го доставивме и до градоначалникот на Дојран, но до емитувањето на прилогот одговор нема.
Инаку, ЦУК апелира до граѓаните коишто рекреираат и одмораат покрај езера, море или река секогаш да ги почитуваат мерките на безбедност што се предвидени за престој во конкретно место или за користење пловни и други средства за рекреација, а и лично секогаш превентивно да имаат свесност за можните опасности во местата за одмор покрај вода.
Лаура Стојанова М-Нет