
Втората самостојна изложба на Нада Ѕмбова Донева поставена во штипскиот Центар за култура. Авторката на изложбата, по професија биолог, вели дека инспирацијата дошла во карантинските денови, комбинирајќи ги уметноста и професијата, притоа црпејќи инспирација од природата. За реализација на целиот процес биле потребни две до три години. Главниот мотив е преку уметноста да се пренесат исконските човекови стремежи, верата, љубовта и надежта.
„Прво настанаа едни малечки дела, коишто ми се врамени, како малечки скици. Понатаму, некои од тие дела пренесов на платно, техниката е акрил на платно. Овие вечни теми ги претставив преку растенијата, преку растителниот свет. Моја преокупација е биологијата, што е некој специфичен поглед, микро поглед на нерватурата на растенијата, еден спој со биологијата и уметноста“, истакна авторката.

Првото претставување на изложбата се реализираше во Центарот за култура „Бели мугри“ во Кочани. Директорката, Ана Поп Михаилова вели дека процесот на подготовка траел неколку месеца, а денес преку меѓусебна соработка, делата ги изложуваат во Штип.
„Оваа изложба, како што вели и самиот наслов, беше отворена во Центарот за култура „Бели мугри“ во Кочани на истоимениот празник, на 30 септември. Изложбата е дел од годинешната програма на Центарот за култура и е под покровителство на Министерството за култура. Процесот траеше околу два до три месеца за целосна реализација“, истакна директорката на Центарот за култура „Бели мугри“ во Кочани, Ана Поп Михаилова, директорка на НУЦК „Бели мугри“ – Кочани.
Задоволството од соработката го искажа и директорот на штипскиот Центар за култура, Горан Трајков, според кој, потпишаниот договор за соработка денес се реализира во пракса.
„Денес ја имаме честа соработката којашто ја поставивме на хартија од минатата година, етапно да ја реализираме, а тоа е да разменуваме локални културни понуди коишто ги имаат Штип и Кочани. Добро е што двата центри комуницираат и го разменуваме она што е најдобро за двата града. Тоа значи локалните уметници од Кочани да ги претставиме во нашиот град и нашите локални уметници да ги претставиме во нивниот град со цел да ги збогатиме двете институции со поголема културна понуда“, истакна Горан Трајков, директор на НУЦК „Ацо Шопов“ – Штип.
Последното дело кое е работено непосредно пред изложбата е полиптихот кој содржи седум вертикални платна, дело кое го носи насловот „Себеспознавање“. Целата постановка содржи триесетина дела работени во различни техники, како акварел, гваш и акрил на платно. Изложбата по Штип, ќе биде претставена и во Виница.
Ребека Спасова М-Нет