
Детонит Плачковица и официјално денес го промовираше Иван Варадиновски како нов шеф на стручниот штаб. 34-годишниот штипски стратег го наследува Горан Здравков, кој го прифати предизвикот да седне на тренерското столче во штипска Брегалница.
Варадиновски ќе биде исправен пред сериозен испит да го продолжи успехот кој го имаше Здравков како кормилар на второлигашот од Радовиш.
„Во новата фудбалска 2023 година влегуваме со нов елан и со уште поголема мотивација да докажеме дека сложно и со упорност се доаѓа до посакуваната цел. Управата на Детонит Плачковица подава цврста рака на новиот стратег – млад и веќе докажан професионалец Иван Варадиновски од Штип. Ако до сега докажавме дека со успешна внатрешна соработка и почитување на квалитетот и ентузијазмот се оди напред, сега уште повеќе ќе Ви докажеме дека имаме тим кој ќе Ве направи горди. На новиот шеф на стручен штаб му посакуваме успеси во пролетниот дел и пласман во Првата македонска лига. На нашите борци им посакуваме весели празнични денови и повеќе мотивации во новата година. На сите помагатели и поддржувачи на Детонит Плачковица им благодариме за досегашната соработка и посакуваме новата 2023 година да ни донесе нови заеднички радости и бериќет на сите нас“, се вели во клупското соопштение.
Детонит Плачковица историски ја имаше најдобрата полусезона, откако заврши на петото место со 29 бодови и во пролетниот дел влегува со шанси за пласман и во Прва лига. Штипскиот тренер Горан Здравков имаше повеќе од успешна полусезона во Радовиш, а сега неговиот сограѓанин ќе се обиде да ја оправда довербата и да продолжи да нижи успеси и да руши фаворити, како што беше во есенскиот дел.
Во својата кариера Варадиновски беше тренер на Кит Го од Пехчево и на Каменица Саса, а како фудбалер своите први чекори ги прави во Брегалница од Штип, кадешто за првпат настапува и во сениорскиот тим, настапуваше и во дресовите на Беласица, Скопје, Локомотива и Плачковица.