
ЗНМ и ССНМ стојат зад екипата на М-Нет Телевизија која пред два дена беше попречена во извршување на работните задачи. Вработените беа попречени да снимаат сообраќајна несреќа во близина на Штип, кај населбата Стар Караорман од страна на физичко лице – учесник во сообраќајната несреќа, а ваквата постапка ја осудија од ЗНМ и ССНМ. Од ЗНМ беше понудена бесплатна правна помош и велат дека ќе го следат случајот како и мерките кои се очекува МВР да ги преземе.
„Ваквиот однос кон новинарите и снимателите кои се на работна задача на терен е неприфатлив и потребно е да биде санкциониран од страна на Министерството за внатрешни работи затоа што насилството кон медиумските работници е неприфатливо во демократски земји. Потсетуваме дека доколку ваквите инциденти се толерираат во иднина има ризик да се охрабрат нови посериозни насилства кон новинарите, а со тоа дополнително да се загрози нивната безбедност, правото на слобода на изразување, како и правото на информирање на граѓаните.“ – стои во рекацијата од ЗНМ.
ССНМ, пак, најостро реагира на новото попречување на професионалното извршување на новинарската задача. Реагира и ги осудува и непримерните коментари под видеото емитувано во живо на социјалните мрежи и смета дека и во тој случај мора да постои противмерка односно форма која ќе го запре говорот на омраза кон професионалците во медиумите кои се на должност.
„ССНМ повторно нагласува дека колегите мора да бидат заштитени при извршување на својата обврска, а таа во основа е од интерес на граѓаните и бара против попречувачите итно да бидат покренати соодветни пријави. ССНМ заклучува дека државата на ова поле и не постигнала кој знае каков напредок што се должи на досегашната пракса нападите, етикетирањата и деградацијата да минуваат без санкции. „Не можам да си одам, јас сум исто како и полицијата што е тука“, беа реакциите на снимателот, кој близу 20 минути беше попречуван да си ја изврши работната задача.“ – стои во реакцијата од ССНМ.
Инаку, непречени услови за работа, вработените во М-Нет Телевизија добија дури по полициска интервенција, при која со коректност на полициските службеници лицето беше отстрането. За случајов поднесена е пријава до МВР.
Ребека Спасова М-Нет