
Штипската болница и другите болници во државата имаат недостаток од персонал, пациентите сами се снаоѓаат за лекови, медицинските апарати надвор од употреба, сите клиники се во големи долгови, криминал на Онкологија – вака ВМРО-ДПМНЕ на денешната трибина во Штип ја опиша состојбата во здравството. Лидерот, Христијан Мицкоски, посочи дека по 8 мај работите ќе се одвиваат многу поинтензивно за секој да сноси одговорност во однос на скандалите кои периодов излегоа во јавноста.
„Одговорност ќе има и мора да има, затоа што ако нема одговорност, ќе бидеме сите исти. Од тие причини ценам дека одговорност мора да има. Таа одговорност нема да биде со спектакуларни холивудски апсења, упади по домови итн., туку со јасна процедура, јасен процес, јасни евидентни докази коишто ќе ѝ бидат презентирани на јавноста“, рече Мицкоски.
Мицкоски посочи дека програмата на ВМРО-ДПМНЕ е при крај и наскоро ќе биде промовирана. Подвлече дека нејзиното креирање било сложен процес кој траел неколку месеца, а во истата се вклучени и разгледани мислењата на граѓаните.
„Мојата суштинска порака е дека мора ВМРО-ДПМНЕ да покаже поинаков пристап кога станува збор за здравството. Ќе најавам неколку работи коишто планираме да ги на правиме, а коишто ценам дека ќе бидат суштински во таа трансформација за којашто претходно зборував. Изминативе денови сведоци сме на реактивирање на случајот со Онкологија, каде што имаме одредени интервенции на МВР по налог на Обвинителството и веќе имаме луѓе коишто се приведени. Тоа коешто претходно го негираа од мојата прес-конференција, сега го ставаат во извештајот“, вели Мицкоски.
Мицкоски додаде дека повеќе не смее да се толерира тоа што во Македонија има 600.000 луѓе кои живеат со 150 денари на ден, а, пак, неколку семејства, кланови во здравството крадат милиони и милијарди од граѓаните.
Ребека Спасова М-Нет