
За утре, 21 септември, е закажано ново прскање против комарци во Општина Штип. Како што истакнаа од општината, дезинсекцијата е закажана со цел да се уништат возрасните комарци на територијата на Штип.
„На ден 21.09.2021 год. (вторник-наутро), Општина Штип преку овластена фирма, на територијата на општината Штип ќе спроведе тереистичка дезинсекција со цел уништување на комарците. Запрашувањето ќе се врши во периодот од 01 до 07 часот наутро, со апаратура за УЛВ ладно запрашување.
Со дезинсекцијата ќе бидат опфатени зелените површини во општина Штип, подрачјата по течението на реките Брегалница и Отиња и подрачја околу каналниот систем на територијата на општината, урбаните населби и локалитети.“ – додадоа од таму.
Во меѓувреме, претходно се спроведе и едно авионско прскање со цел уништување на возасните комарци. Граѓаните во Штип се со поделено мислење за тоа дали прскањето е задоцнето или не. Истовремено, поголемиот дел од штипјани сметаат дека доколку од Локалната самоуправа имаат средства, треба да се прска, бидејќи комарците сè уште биле присутни.
„До сега требаше да прскаат. Сега што ќе прскаат си е нивна работа, ама задоцнето е многу.“
„Ако имаат пари, не е лошо да се прска. Не е доцна, постојано ги има. Има и муви уште, па топло е времето.“
„Треба само да се прска сабајле, кога луѓето и стоката не се излезени. Сега моментално и ги нема комарците, ама штом решиле, нека прскаат. Нема да е лошо. Трошоци ќе има, ама сепак, штетните инсекти ќе ги уништат.“
„Па добро, сега малку е доцна. Меѓутоа, ќе има корист од тоа. Слушам ги земјоделците дека имаат некои штети на доматите, на растенијата. Убаво е, да се испрска, убаво е.“
Инаку, по првото авионско прскање против возрасни комарци имаше најава дека до крајот на годината може да се спроведе уште едно такво. Меѓутоа, како што истакна првиот човек на градот под Исарот, ако за тоа има потреба. Во спортивно, наредното авионско прскање против комарци ќе биде оставено за наредната година. Во меѓувреме, на 15 септември се спроведе и дератизација на 160 канализациони шахти на територијата на Штип со цел заштита на населението од заразни болести предизвикани од глодари.
И за утре важат истите препораки за пчеларите на време да си ги заштитат своите пчелни семејства. Доколку временските услови се не погодни, прскањето ќе се реализира наредниот поволен ден.
Лаура Стојанова МНет