За увоз на работна сила ќе се размислува на долг рок, засега ќе работат наши работници

Во земјава во моментов се отворени 10.000 работни места. На среднорочен план ќе се пополнуваат од домашниот пазар, но на долг рок ќе мора да се размислува за увоз на работна сила, вели вицепремиерот Фатмир Битиќи. Тој посочува дека кај нас имаме невработени луѓе, но, за жал, нивните образование, знаења и вештини, не соодвестуваат со работните места и мора нешто да се направи околу тоа.

„Секако, сум кажал дека среднорочниот план мора да биде заснован на луѓето од нашата држава за тие да бидат примарно вработени со доброплатени работни места. Но ќе дојде времето кога ќе мора да го отвориме, затоа што се појавува очигледно голем недостиг. Местата се пополнуваат во Германија, Франција, Белгија, Хрватска со наши луѓе. Ќе мора и кај нас работните процеси да се задоволат со луѓе од други места“, вели Битиќи.

Компаниите од Источниот Регион потребните работни позиции ги пополнуваат со работници од соседните општини или вршат едукации на работници за нивна потреба. Недостатокот се чувствува во речиси сите сектори.

„Како и секаде во државата, и кај нас се чувствува дека има недостаток на кадри, особено на квалификувани работници. Стручни кадри имаме, ги креираме кај нас, во нашите академии, меѓутоа имаме недостаток на квалификувани кадри. Ние вработуваме од соседните општини, Кочани, Македонска Каменица, Берово, Пехчево, затоа што ни треба поголем обем на вработени, а нашиот крај е печалбарски, почна и процес на отселување“, вели Глигор Цветанов, извршен директор на виничка компанија.

Битиќи посочи дека размислуваат за донесување одлука за зголемување на квотата на работни дозволи за странци и тоа, најверојатно, би се случило во септември. Разговорите се водат со коморите, ама, според него, нема да наштети ако се зголеми двојно, од 5.000 на 10.000.

Ребека Спасова М-Нет