
Зелката 50 до 60 денари парче, а едвај е доволна за семејство од два члена. Ако семејството е четиричлено тешко да се обезбедат производи за салата, а ручекот е дополнителен трошок. Вака купувачите на градскиот пазар во Штип зборуваат за цените на зеленчукот и овошјето. Велат дека за нив е скапо, парите немаат вредност, а цените на производите многу високи.
„Цените како локомотива ги направиле. Јајцата 90 денари, нема намалување. Само лажат и зеленчукот е скап, сѐ е скапо да ти кажам. Излезеш со 1000 денари викаш многу ќе донесеш, ништо, 1000 стана 100 денари“ – велат купувачите.
И додека за купувачите пазарот скап, за продавачите задоволителен. Убавото време придонесе за голема раздвиженост и зголемена побарувачка. Според нив цените се стари со години и реални за овој период од годината. Трговците пак се согласни дека цените се диктрираат од страна произведувачите, а мора да се задоволат сите трошоци за да биде исплатливо. Дали дополнително ќе се намалат цените на доматот и краставицата сѐ уште е неизвесно.
„Супер е побатувачката, одлична имаме доволно работа, супер цени, боза цена, како ни даваат цена така ја правиме и ние. Ставаме минимални маржи, луѓето се задоволни и ние сме задоволни.“ – додаваат продавачите.
Денеска на пазарот во Штип најскап остана пиперот кој се нудеше по цена од 150 до 180 денари. Лут пипер многу потешко да се најде на некоја тезга бидејќи како што велат продавачите производството е намалено, па една лута пиперка се продаваше по цена од 15 денари.
Лаура Стојанова М-Нет