Започна изградбата на пешачка конзола кон Градските гробишта, за поголема безбедност на пешаците

Започна изградбата на пешачка конзола кон Градските гробишта, за поголема безбедност на пешаците и на сите учесници во сообраќајот, бидејќи во делот на клисурата во штипско Ново Село нема тротоар, па пешаците се движеа по коловозот на регионалниот пат Штип-Радовиш. Градоначалникот Иван Јорданов рече дека со изградбата на пешачката конзола се решава еден неколку децински проблем за граѓаните на Штип, кои се движат пеш до Градските гробишта, бањата „Кежовица“, викенд населбата Плуждино и државното средно училиште „Искра“.

“Верувам дека со проектот, којшто предвидува конзолно пешачка патека верувам дека ќе се зголеми безбедноста на сите пешаци, кои ја користат оваа улица и она што морам да го истакнам дека и покрај она што кога влеговме во проектирање и реализација на овој проект многумина не советуваа дека практично е невозможно да се направи пешачки премин на точката, каде што е најтесна клисурата, сепак со соодветно решение, со соодветен проект се изработи решение, кое деновиве ќе се работи, вели Јорданов.

Oд буџетот на општината се издвоени околу девет милиони денари за реализацијата на овој проект вели Јорданов, а со истиот ќе се обезбеди безбедно движење за сите пешаци.

“Некаде околу девет милиони денари се издвоени од буџетот на Општина Штип за реалзиација на овој проект, какошто јавноста знае, некаде од средината на клисурата, па до државното училиште „Искра“ ќе биде изградена пешачка патека со конзола и со тоа ќе се обезбеди безбедно движење на пешаците, коишто транзитираат овде.”, изјави Јорданов.

Штипскиот градоначалник на денешната прес-конференција потенцираше дека локалната власт нема да застане со реализација на проектите, кои се за подобра безбедност на сите учесници во сообраќајот.

Иван Митев, М-Нет