Започнаа градежните активности во населбата Сењак, ќе се реконструираат улици, ќе се уредуваат тротоари

Започнаа градежните активности и во населбата Сењак во Штип. Денеска се работеше на реконструкција на улицата Џемал Бједиќ, а во наредните неколку дена ќе бидат опфатени и неколку други улици. Истите ќе бидат асфалтирани, а ќе се работи и на тротоарско уредување. Како што истакна градоначалникот, Иван Јорданов, станува збор за барања од страна на жителите од овој дел од градот, а општината работи на подобрување на инфраструктурата.

„Улицата Џемал Бједиќ е предвидено да биде реконструирана, асфалтирана со нови тротоарски површини. Мора да напоменам дека на оваа улица на која во минатото се изгради една колективна зграда заради активностите се амортизира и се оштети коловозот и имаше потреба од санација. Во населба Сењак ќе се работи и на други локации“ – вели Јорданов.

Со средства издвоени од Буџетот на Општина Штип се работи реконструкција на улици, уредување на тротоари и слично со што граѓаните ќе бидат задоволни, а градот ќе добие подобар изглед.

„Повеќе од два милиони денари се предвидени за овој опфат и реконструкција и верувам дека со засилена динамика ќе се продолжи во наредниот период со работа“ – додава Јорданов.

Пред два дена, со подобрување на временски услови, во Штип се означи почетокот на новата градежна сезона, со што се очекува годинава да се работи со засилена динамика во повеќе населени места за подобрување на условите на граѓаните.

Иван Митев, М-Нет