Жителите од старо нервно во типски куќи до крајот на годината, дел од објектите ќе се рушат

Четириесетина семејства ќе бидат сместени во типските куќи, другите објекти ќе се рушат, а државата ќе мора да се справи со жителите кои не се од овој град и незаконски и времено се сместени на потегот кај старото нервно одделение. Градоначалникот, Иван Јорданов, вели дека сето ова мора да биде завршено во текот на оваа година зашто паралелно треба да се работи на булеварот „Партизанска“.

„Има и други објекти коишто не се предвидени да бидат опфатени со тој проект, а за коишто државата ќе мора да најде решение оти ова е јавен интерес. Жалам што дел од куќите ќе мора да бидат срушени, но ова е јавен интерес, овде поминува траса за булевар и мораме да го штитиме јавниот интерес, односно не смеат граѓаните на општина Штип да бидат заложници за неколку фамилии“, вели Јорданов.

Проектот за типските куќи е завршен, а Општината чека одлука од Владата за доделување на земјиштето во сопственост на Општина Штип. Јорданов вели дека штом ќе се случи тоа, тие ќе го распишат тендерот за изградба и поставување на типските куќи, а избраниот економски оператор ќе почне да работи.

„Проектот е завршен, се чека само одлука на Влада, согласноста е испратена пред неполн месец. Стапивме веќе неколкупати во контакт со претставници од Секретаријатот во Влада, штом ја добиеме согласноста дека земјиштето на коешто се предвидува поставувањето на типските куќи е отстапено на Општина Штип, веднаш распишуваме тендер, којшто не е врзан со изборите затоа што тоа се европски средства. Ќе се избере економски оператор којшто ќе ги изработи и постави тие типски куќи. Дел од жителите коишто времено се сместени овде, да бидат дислоцирани на таа локација“, вели Јорданов.

Инаку, предвидено е типските куќи да бидат изградени во местото викано Черења во Штип, како и над улицата „Асном“. Проектот е вреден околу 600.000 евра или 30.000.000 денари.

Ребека Спасова М-Нет