
Ракометните суперлигаши се екипираат, се подготвуваат и ги засилуваат ростерите за новата сезона.
Македонскиот вицешампион Еурофарм Пелистер ја заврши првата фаза од подготовките во Битола и сега се „сели“ во Словенија, каде ќе се реализира главниот дел од подготовките.
Во Словенија ќе бидат одиграни и три контролни средби за проверка на формата со што хрватскиот стратег Лино Червар ќе има можност да види како оди подигањето на формата.
Српскиот среде бек Алекса Колаковиќ ги сподели своите први впечатоци откако потпиша за битолскиот тим.
„Многу сум среќен што дојдов во град и клуб со многу голема историја и традиција. Многу сум среќен што ќе работам со тренер со големо реноме како што е Лино Червар и со квалитетни соиграчи. Битола е прекрасна, сега има и многу туристи, а луѓето се пријатни и гостопримливи и среќен сум што сум овде. Лично се познавам со Хенигман и Радивојевиќ, кои ми кажаа само убави работи за клубот и атмосферата што ја создаваат навивачите овде во Битола. Гледав неколку натпревари на Еурофарм Пелистер од Лигата на шампионите, но и мечеви од првенството против Вардар 1961 и ГРК Охрид. Мислам дека лигата од година во година е посилна и сите клубови се засилуваат и ќе има сигурно силна борба за титулата“, изјави Колаковиќ.
Во тимот од Битола уште една опција на позицијата среден бек ќе биде и Омер Мехмедовиќ.
„Ви благодарам за топлото гостопримство. Првите впечатоци се навистина одлични. Градот Битола е преубав и многу жив има многу луѓе што навистина ми е драго. Условите во клубот се фантастични, тренираме добро и се воигруваме со новите играчи, домашните играчи многу добро не прифатија и убаво е да се работи овде. Го следев Еурофарм Пелистер, тим што играше на најголемата сцена. Навистина сум одушевен што сум тука и очекувам одлично да се вклопам во тимот. Македонскиот ракомет многу напредуваше, мислам дека македонската лига е најјака на Балканот. Очекувам силна сезона и се надевам дека ќе ги исполниме очекувањата“, изјави Мехмедовиќ.
Тиквеш под водство на стратегот Кристијан Грчевски ги започна подготовките за новата сезона во Супер лига, а пак Струга која благодарние на откажувањето на Пролет од натпреварување во елитата, успеа да остане во Супер лигата гради конкурентен тим.
Клубот се засили со Дарко Георгиевски, Марио Танкоски, Мице Шилегов, Костадин Петров, Христијан Крстаноски, Пеце Рајатоски и Мартин Јованоски, а се очекува да има уште неколку засилувања.
Александар Ванев, М-Нет