Енергетската криза директно ги погоди болниците во регионот

Засега останува празна модуларната ковид болница во Штип, бидејќи се следи ситуацијата со коронавирусот. Директорот на Клиничка болница Штип, доктор Ален Георгијев, истакна дека кога ќе бидат сигурни дека е крај на пандемијата и нема опaсност од нов ковид – бран, ќе се одлучи дали таму ќе се сместат патологија и онкологија или други амбуланти.

„Ние сме си во преговори и планови за што би ја искористиле модуларната болница, но како што реков во повеќе наврати, мора да почекаме еднаш оваа пандемија, ова зло конечно да престане, да му ставиме крај, да знаеме дека веќе нема да се соочуваме со тоа. Несериозно би било да правиме планови и преместувања во услови кога евентуално би можело да има нов голем бран, а ние оние 47 легла таму да ги користиме за друго. Во услови кога би ставиле крај на пандемијата имаме повеќе планови кого би преместиле таму, имаме оддели на патологија, на онкологија, дел од амбулантите нови што ќе се отворат, бидејќи ќе имаме и нови дијагностички процедури, би биле лоцирани во објектот на модуларната болница која ја иаме сега, но тоа во иднина доколку нема потреба да ја користиме за ковид пациенти“ – кажа Георгијев.

Во меѓувреме Георгијев истакна дека се чека ребалансот на Буџетот за да се закрпат финансиските дупки во болницата. Пандемијата која траеше над две и пол години остави огромни долгови и финансиската ситуација во болницата е тешка.

Освен пандемијата, болниците се на удар и на енергетската криза, па ако лани штипската болница за 12 месеци платила над 10 милиони денари, годинава толку пари се потрошија само за месеците февруари и март.

„Имаме помала сметка, склучивме договор на први април, априлската сметка е многу пати помала отколку оние две кои ги имавме од ЕВН како краен добавувач. Од прилика можам да кажам дека за дупло пониска цена добивме од претходниот месец што имавме“, додаде Георгијев.

Во Кочани на лекување поминале околу илјада ковид пациенти и тоа влијаело финасиски врз самата болница и сега долгот е околу еден милион денари. Минатата година за електрична енергија во кочанската болница се плаќало по 500 илјади денари месечно, а сега само за првите месеци од годината сметката била по два милиони и 500 илјади денари. Директорот доктор Александар Серафимов истакна дека очекуваат помош од Министерството за здравство, а го чекаат и ребалансот на Буџетот. Модуларната ковид болница во Кочани ќе биде премнаменета во амбулантски дел и дел за Брзата помош.

Лаура Стојанова М-Нет