
Вчера започна новата сезона во Третата македонска фудбалска лига – Исток со натпрвари од првото коло, а во рамки на воведното коло новиот стратег на Слога Виница, Емил Грнев со победа дебитираше на клупата на поранешниот второлигаш, откако Слога со 0:3 славеше на гостувањето кај Малеш во Берово.
Екипата на Слога од Виница до високата победа стигна со погодоците на Ѓорѓиев, Николов и Воинов.
Брегалница од Делчево по една година пауза се врати во Трета лига – Исток и победнички тргна во новата сезона, откако со голот на Александар Илиев ја совлада Тиверија со минимални 0:1 во Струмица.
Во Свети Николе екипата на Овче Поле како домаќин со 3:1 го совлада Светлост од Зрновци екипа која како шампион на ОФЛ Кочани се избори за место во Трета лига – Исток.
Трендафилов, Панев и Нацев беа стрелци за победникот, а за гостинот погоди Голчовски.
Велинов и Ефремов постигнаа погодоци за стартна победа на Карбинци во новата сезона над Ударник од Пирава.
Во Дојран екипата на Хоризонот Турново со 3:4 славеше над Дојранско Езеро. За некогашниот прволигаш двоен стрелец беше Благој Истатов, а по еден гол постигнаа Черкезов и Коцев, додека пак за Дојранско Езеро по еден гол постигнаа Гушев и Илиев, а автогол си постигна Гоцев.
Следниот викенд на програмата ќе бидат натпреварите од второто коло.
Александар Ванев, М-Нет