Еко активистите децидни – „Пејпер мил“ ги загадува и водите, од фабриката велат – тоа е лага

Освен воздухот, фабриката за хартија „Пејпер мил“ во Кочани ги загадува и водите, тврдат кочанските еко активисти. На дебатата во нашата емисија Зум анализа, граѓанскиот активист Горан Лефков посочи на видео – снимки кои, според него, го докажуваат тоа. Неговиот став е дека не е возможно фабрика со толку голем капацитет да се пушти во оптег и да има А-интегрирана дозвола без прочистителна станица.

„Во делот на водите, моментално фабриката функционира целосно нелегално уште од почетокот. Водите се испуштени без таложник. Смешно е во 21. век вие да имате инсталација со А-интегрирана дозвола, а да немате пречистителна станица за нејзе. Во 2019 година, кога беа протестите, на фабриката ѝ беше наложено тоа. Тоа што го направи беше само обичен таложник, на крај од тоа видовме дека нема ништо“, вели Лефков.

На ова, генералниот менаџер на фабриката, Јулијан Даскалов, рече дека некој им дава невистинити информации и оти од 2016 имаат инвестирано стотици илјади за подобрување на системите за прочистување. Даскалов повика да ја посетат фабриката и да се уверат дека во процесот на рециклирање хартија нема никакви хемикалии.

„Вие изнесувате очигледни лаги, нештата за коишто зборувате не се вистинити. Тоа не може да биде формулирано на друг начин, освен лага. Ние ја купивме фабрика во 2016 година. Таа си е постоечка, којашто функционирала, си имала А-интегрирана дозвола, работела, си има систем за прочистување води до 1980. години. Ако не ви е јасно, прашајте за тие работи. Ако дојдевте на дебата кај нас, ќе разберевте. Повелете слободно кај нас, да го следиме целиот процес. Дојдете и вие, нека дојдат и медиуми. Нека дојдат и граѓаните, да дадеме време во кое ќе видиме што се случува во „Пејпер мил“ – Кочани. Прво, ние рециклираме хартија. Тоа значи листот хартија да го ставите во вода, да го размешате, да го исушите и да стане повторно хартија. Тоа е целиот процес со којшто се занимава „Пејпер мил“. Нема со што да загадува, нема хемикалии“, истакна Даскалов.

Лефков беше дециден дека претставници од Здружението ја имаат посетено фабриката, но според Даскалов, тоа било само официјална посета, а не разговарање за проблемот којшто е актуелен периодов. И двајцата побараа на јавна дебата, а се’ уште чекаат и одговор од кочанското обвинителство по доставената пријава за фабриката.

Ребека Спасова М-Нет