
Во овој третолигашки подготвителен период фудбалските екипи покрај вообичаените активности се „запалени“ и со финансиските ваучери кои ги доделува Агенцијата за млади и спорт. Не навлегуваме за и околу критериумите за ваучерите бидејќи си има платено луѓе за тоа, туку чисто информативно да ги запознаеме фудбалските сладокусци со ваучерскиот ранкинг на источните екипи. Нај „бериќетен“ ваучер е доделено на екипата на Малеш од Берово и тоа во вредност од 300.000 денари. Потоа следува делчевска Брегалница со 150.000 денари, екипата на Овче Поле со 90.000 денари , Детонит од Радовиш добива ваучер во вредност од 50.000 денари, Спартмани 45.000 денари а екипите на Тиверија од Струмица, Хоризонт од Турново, Карбинци и на Работник од Џумајлија добиваат ваучери во вредност од 40.000 денари. И покрај сите напори не успеавме на списокот да ја пронајдеме екипата на Чешиново која најверојатно остана без ваучери за оваа 2021 година. Инаку првенството во Третата фудбалска лига – Исток ќе започне на 14 март кога ќе се одиграат и натпреварите од првото пролетно коло или редовно 12 коло. Колку за потсетување есенски лидер на оваа табела е екипата на Брегалница од Делчево со 28 бодови, втор е тимот на Детонит од Радовиш со 26 бодови, трет е тимот на Овче Поле од Свети Николе со 24 бодови а четвртото место го делат Хоризонт од Турново и Малеш од Берово со по 22 освоени бодови. Тоа се и екипите кои во пролетниот дел ќе водат борба за шампионскиот трон кој води во повисик второлигашки ранг. Изгледот на горниот дел на табелата најавува жестока пролетна пресметка која впрочем беше очигледна и есеноска со што се докажа и покажа дека на истокот се игра добар, возбудлив и пред се мошне квалитетен фудбал.
Драги Герасимов – Пушка Mnet.mk