
Се работи на уште една делница од гасоводот Штип – Битола со што трасата ќе биде целосно изградена. Според министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, гасоводот Штип – Битола е комплетно изработен, но е останата една делница кај Неготино, каде што се изместува гасоводната цевка.
„Цевката се изместува поради одредени прашања на теренот и по што завршува изградбата. Важно е во наредниот период се заврши кракот кон Гостивар, а веќе работиме и на урбанистичките проекти за Интерконеторот кон Грција. Ова е исклучително важно, заради балансирање на енергетската состојба во државата, да имаме уште еден приклучок, освен приклучокот, што го имаме од истокот од Бугарија“, вели Бочварски.
Во однос на профункционирањето на еден од краците на гасоводната мрежа, Бочварски вели дека одговорот треба да се бара во Националните енергетски ресурси.
„Таму работат на сите овие постапки и проекти. Ние, овде сме вклучени во делот на урбанистичките планови и во моментов, кога ќе имаме одобрен урбанистички проект ја започнуваме постпката за одобрение за градење и потоа компанија за избор на изведувач. Така што во овој момент можам само да кажам дека работиме на урбанистичките проекти и фазата урбанизам. Во наредниот период ќе ги продолжиме и сите останати постапки и секако важно е што нашиот фокус е ставен на изградбата на овие инфраструктурни проекти“, вели Бочварски.
Што се однесува до изградба на секундарната гасоводна мрежа низ градовите во земјава, Бочварски вели дека оваа постапка ја води Министерството за економија.
Ребека Спасова М-Нет