Доста е, судот не смее да биде продолжена рака на системот што ги остава жените да умираат, реагираат од Платформата за родова еднаквост

Од Платформата за родова еднаквост реагираат на последните две судските одлуки кои, како што истакнуваат од таму, испраќаат опасна и нечовечна порака до жените жртви на насилство: ако системот не ве заштити, ќе ве казни кога ќе се обидете да преживеете.

Во првиот случај, постетуваат, жена од Кратово, за која во текот на судската постапка беа презентирани наоди дека повеќе од десет години била изложена на континуирано физичко и психичко насилство, а институциите не ја заштитиле, беше осудена на казна затвор од седум и пол години за убиството на сопругот и свекорот. „Во текот на постапката, беше посочено и дека долготрајното насилство оставило сериозни психолошки последици врз неа, а стручните наоди укажувале на траума предизвикана од повеќегодишно насилство и недоволна институционална заштита. Во вториот случај, лице вработено како обезбедување на премиерот на Владата на Северна Македонија доби условна осуда за насилство врз сопругата, кое вклучувало физички напад и давење, во присуство на нивното малолетно дете“.

Ова, како што оценуваат, не се само пресуди. Ова, според нив, се институционални пораки. А пораката, како што велат, е брутална.

„Насилникот може со години да тепа, дави, заканува, контролира и уништува живот, а жртвата ќе биде таа што на крај ќе ја понесе најтешката казна.
Таква правда не е правда. Тоа е институционално насилство.

Судот не може да се прави слеп пред долгогодишно насилство. Не може да се прави глув пред пријави, траума, страв, закани и институционален молк. Не може да суди како жената да живеела во нормални услови, кога живеела во терор. Не може да казнува жртва како да системот ја заштитил, кога токму системот ја оставил сама“.

Прашуваат, каде биле институциите кога насилството траело

„Каде биле центрите за социјална работа, полицијата, обвинителството и судот кога ризикот растел?
Кој ќе одговара за тоа што жените биле оставени без заштита?
И дали судот денес навистина сака да испрати порака дека жената треба да биде убиена за конечно да биде признаена како жртва?

Што ќе направат институциите за децата на жртвата, кои со години живееле со насилството, и институциите ги лишуваат уште долги години да живеат без својата мајка“.

Од Платформата за родова еднаквост се децидни дека заштитата на жените не е тема за бескрајни состаноци, туку таа е законска обврска.

„Таа е должност. Таа е одговорност на институциите — веднаш, навреме и пред да биде доцна.
Во земја во која сведочиме на алармантен број фемициди и случаи на тешко насилство врз жени, ваквите пресуди се опасни. Тие не превенираат насилство. Тие го охрабруваат. Тие им кажуваат на насилниците дека системот ќе биде благ кон нив, а на жртвите дека нема кој да ги заштити.
Жените за кои зборуваме можеле да бидат мртви. Можеле да бидат уште една статистика, уште една минута молк, уште една изјава на институциите дека „ќе се преземат мерки“. Но тие преживеале. И наместо системот да се праша зошто не ги заштитил навреме, тој ги казнува.

Тоа е срамно. Тоа е опасно. Тоа е неприфатливо“.

Бараат од судовите и обвинителството веднаш да престанат да носат одлуки кои, како што е наведено, го игнорираат контекстот на долгогодишно семејно и родово базирано насилство. Бараат секој случај да се оценува низ родова перспектива, со разбирање на траумата, принудната контрола, стравот, зависноста, заканите и институционалниот неуспех.

„Бараме одговорност не само од сторителите на насилството, туку и од институциите кои не постапиле. Затоа што кога институциите не штитат, тие стануваат дел од проблемот.
Правдата не смее да биде посилна кон жртвата отколку кон насилникот.
Правдата не смее да ја казнува жената затоа што преживеала.
Правдата не смее да чека жена да биде убиена за да ја нарече жртва.

Доколку институциите не ја разберат оваа порака, ќе продолжиме да броиме мртви жени, а потоа истите тие институции ќе изразуваат жалење, ќе формираат комисии и ќе ветуваат дека „ова не смее да се повтори“.

Текстот Доста е, судот не смее да биде продолжена рака на системот што ги остава жените да умираат, реагираат од Платформата за родова еднаквост е превземен од МАКФАКС.