
Актуелниот директор на Државниот инспекторат за земјоделство, Васе А., е приведен во рамки на полициска акција под сомнение за примање поткуп, случај кој веќе предизвикува силен јавен интерес.
Според информациите кои кружат во јавноста, станува збор за сериозна сума пари од 50.000 евра, а акцијата е спроведена во координација со надлежните институции за борба против организиран криминал и корупција. Деталите за случајот сѐ уште се дообработуваат, а од истрагата најавуваат дополнителни информации во текот на деновите што следуваат
Васе А. на функцијата директор стапи во 2024 година, а зад себе има долгогодишно искуство во областа на земјоделството и јавната администрација. Тој е дипломиран инженер агроном од Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, а своето образование го надградил со магистерски студии по економски науки во Скопје.
Во својата професионална кариера работел во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, бил дел од Комисијата за доделување земјоделско земјиште, а во еден период и нејзин претседател. Исто така, од 2017 до 2021 година ја извршувал функцијата претседател на Советот на Општина Чешиново-Облешево.
Надлежните институции продолжуваат со истражните активности, при што ќе се утврдуваат сите околности поврзани со случајот, како и евентуалната вклученост на други лица.