Директорот на Домот на култура реагира за изградбата на катната гаража во Штип, Јорданов вели – продолжуваме со градба

Макета со висина од еден камион или автобус постави денеска позади Домот на културата, директорот, Горан Трајков. На овој начин практично ги покажа проблемите со кои би се соочувале по изградбата на катната гаража во овој дел од градот. Бара ревидирање на проектот, бидејќи катната гаража за нивните потреби, како што вели, треба да биде повисока уште најмалку 1 метар. Трајков реагираше дека и во моментов додека траат градежните работи, блокирани се сите улици по кои се пристапувало до овој простор. Токму овие два проблема ќе бидат пречка и за пристап на противпожарно и амбулантно возило.

„Сега во моментот ако се случи пожар, на некој да му се случи нешто во ова маало, нема прво од каде да влезе болнично возило. Второ, со изградбата на оваа катна гаража ако, не дај Боже, се случи пожар, поради висината пожарното возило нема да може да си ја заврши својата работа. Значи, има многу сегменти коишто не се во ред и бараме да се ревидира целиот проект, да се стопира од страна на Градежниот инспекторат, да се обезбеди местото за работа, да се овозможи пристап на луѓето и на камионите коишто доаѓаат и донесуваат опрема за да можеме сите да работиме заеднички. Само така можеме да одиме напред, а не додека прават тие, другите да не работат. Не е во ред тоа“, вели Трајков.

Трајков посочи дека испраќал дописи до Општината, но оттаму немало никаква реакција. Градоначалникот, Иван Јорданов, во изјава за М-Нет Телевизија, пак, вели дека единствено за што размислува е реализација на проектот и ќе продолжат со засилено темпо да работат на изградба на катната гаража.

„Започнавме секојдневно со реализација на проекти, одлучивме да ја градиме катната гаража според Детален урбанистички план веднач до Домот на културата. Јас сум научен да реализирам проекти, да работам, но не можам да ги спречам луѓето коишто сакаат да ги негираат проектите, коишто сакаат да ги опструираат. Тоа е нивен начин на избор, тие си ја практикуваат нивната стратегија, ние си ја работиме нашата работа. Единствено нешто за коешто размислувам е да се реализира проектот за изградба на катна гаража согласно со законите, согласно со ДУП“, истакна Јорданов.

Трајков посочи и на проблем со отпадоци и градежен шут за кои имало наредба од комунален инспектор да се изврши нивна дислокација, но ЈП „Исар“ сѐ уште го нема сторено тоа. Тој додаде дека доколку и понатаму Општината не преземе чекори, ќе се обрати до надлежните министерства.

Ребека Спасова М-Нет