
На 9 август во Пласница се одржа меѓународен турнир во пеливанско борење каде штипскиот клуб Дејан Митров одново забележа големи резултати во силна конкурнеција со натпреварувачи од Македонија, Турција, Бугарија и Косово.
„Изминатиот викенд во Пласница се одржа меѓународен турнир во пеливанско борење. Ние учествувавме со осум борачи. Можам да кажам дека бевме најбројни борачи кои учествуваа од нашиот клуб. Конкуренцијата беше силна бидејќи имаше учесници од Турција, знаеме дека Турција е основоположник на пеливанскиот спорт и самото тоа ние кажува дека најдобрите пеливани доаѓаат токму од Турција“, вели Митров.
Дејан Митров освои прво место во втора рака со четири побеида, а најинтересна беше финалната борба со борач од Турција која траеше 50-тина минути.
„Јас настапив во втора категорија заедно со Давор Тасев, Стојанче Данаилов, Тоше Ангелов, Горан Ангелов и помладите борачи Стефан Стојков и Никола Гицев во четврта рака. Нашиот успех се базираше на искуството бидејќи во втора рака успеавме да освоиме златен и брозен медал. Со тоа го афирмиравме нашиот клуб и нашата општина во кичевско каде се одржуваше турнирот. Јас би ја издвоил финалната борба со претставникот од Турција, се работи за еден познат пеливан во пеливанскиот свет насекаде и пошироко со богато CV со освоени меѓународни златни медали, на престижни турнири во пеливанско борење. Борбата траеше неверојатни 50 минути, во исцрпувачка борба го совладав и го осви златниот медал во втора категорија“, дополнува Митров.
Пред клубот Дејан Митров следуваат нови предизвици и учество на неколку други турнири, а прв во низа ќе биде турнирот во радовишкото село Тополница.
„Со оглед дека подготовките се во тек, ние активностите ги базираме според календарот на натпревари, во календарот ни се предвидени три до четири турнири до завршување на месец септември и фокусот ни е ставен токму на овие турнири. Се надевам дека нашиот клуб достојно ќе ја претстави нашата општина и верувам дека повторно ќе имаме повод да сретнеме и да ги презентираме идните резултати на пеливанскиот клуб“, дополни Митров.
Клубот од Штип продолжува со подготовки бидејќи следуваат турнири, каде ќе има силна конкуренција.
Александар Ванев, М-Нет