
Дефект на водоводна цевка речиси цел ден ги остави штипјани без вода. Известување од ЈП „Исар“ имаше уште вчеравечер околу 20:00 часот. „Поради дефект на водоводната линија на ул. „Борис Кидрич“ до санирање на дефектот ќе биде сопрено водоснабдувањето во централното градско подрачје. Ви благодариме на разбирањето!“, стоеше тогаш во соопштението. Меѓутоа, санацијата траеше долго, па граѓани попладнево непрестано реагираа до нашата редакција. Освен, водоснабдувањето, попречено беше и одвивањето на сообраќајот. На улицата на која и онака се одвива густ сообраќај, а возилата се паркираат на коловозот, денес беше тешко да се сообраќа.
М-Нет Телевизија побара информации од ЈП „Исар“, од каде в.д. директорот Трајче Здравков рече дека водоснабдувањето ќе се нормализира за околу еден час. По неколку часа без вода, граѓаните од централното градско подрачје добија вода околу 15:00 часот.
Ребека Спасова М-Нет