Дерби пресметката помеѓу Саса и Тетекс во ЖИВО на М Нет, Локомотива го предизвикува Вардар во Кичево

Денес на програмата се пет натпревари од 21. коло на Втората македонска фудбалска лига.

Денес гледачите на телевизија М Нет ќе имаат ексклузивна можност да уживаат во дерби пресметката за опстанок помеѓу Каменица Саса и Тетекс, која се игра на Градскиот стадион во Македонска Каменица.

Денешното соочување на „рударите“ и „штофарите“ е од огромна важност со цел да останат во сериозна трка за директен опстанок, како и во трка за бараж за опстанок. Двете екипи имаа катастрофална есенска полусезона, а тоа резултираше со промена во играчкиот кадар, додека пак Тетекс направи промена и во стручниот штаб.

На стартот од пролетниот дел Тетекс успеа да собере 7 бодови од можни 15, а пак Саса собра само три бода од можни 15, односно „рударите“ имаат само еден пролетен триумф над Слога од Виница.

Саса денешниот меч ќе го стартува како 13-то пласирана со 16 бодови односно се наоѓа во бараж зоната за опстанок во Втора лига, а пак Тетекс е на 14-тото место со 14 бодови и се наоѓа во зоната за директно испаѓање во Трета лига.

Денешните три бодови може да направат мали промени на табелата, но значајни кога е во прашање опстанокот на двете екипи. Со евентуални три бода за Саса, „рударите“ ќе останат на 13-тото место, но значително ќе направат прогрес кон местата кои гарантираат директен опстанок, а пак евентуален триумф за Тетекс ќе значи дека „штофарите“ би биле на 13-тото место во бараж зоната.

Гледачите на М Нет ќе имаат ексклузивна можност да ја проследат директната-пресметка за опстанок помеѓу Саса и Тетекс, а директниот пренос започнува неколку минути пред 15 часот.

„Фенерџијата“ Борец на домашен терен ќе го пречека тимот на Арсими во меч каде трите бодови се важни и за едните и за другите. Арсими со триумф моѓе да направи и прогрес на табелата и повеќе од јасно ќе биде дека новајлијата ќе има второлигашки статус и следната година, па последните кола од второлигашкиот шампионат ќе ги одигра релаксирано и без притисок.

Борец е во многу тешка ситуација, во пролетниот дел преку две ремиа успеа да ги освои првите два бода и останува „закован“ на последното место на второлигашката табела. Борец лани играше во Прва лига, годинава во Втора лига, а од следната сезона повеќе од јасно ќе биде дека ќе игра во Трета лига – Југ, со што Велес ќе остане за две сезони останува без прволигашки и второлигашки фудбал.

Детонит Плачковица и Охрид ќе имаат свое соочување во Радовиш. Охриѓани се далеку од формата со која играа во есенскиот дел, бидејќи на стартот од пролетниот дел забележаа четири порази и само еден триумф, со што ги „прокоцкаа“ сите шанси за Прва лига, но и за висок пласман на табелата.

Радовишани ја задржаа формата од есенскиот дел, но со поразите од Беласица и Вардар остануваат без реални шанси за Прва лига, бидејќи водечките Вардар, Гостивар, Воска и Пелистер грабаат и водат сериозна борба за првите две места кои директно водат во Прва лига, како и за третото место кое преку бараж води во Прва лига.

Охрид ќе има повеќе од тешко гостување, бидејќи Градскиот стадион во Радовиш важи за терен каде Детонит Плачковица нема пораз цела сезона, па ќе биде предизвик Охрид да биде првиот тим кој ќе слави во Радовиш, а предизвик за радовишани да го сочуваат домашниот терен како „неосвоена тврдина“.

Караорман и Кожуф ќе се судрат во Струга во борба за три бода, кој се многу важни и за двете екипи за директен опстанок. Кожуф е под сериозен притисок барем и за бод, со цел да не се доведе во потешка ситуација за опстанок, бидејќи Локомотива и Саса прават притисок за местата кои гарантираат сигурен опстанок.

Караорман со двете победи над Слога и Тетекс се искачи до деветтото место на табелата со 26 бодови и барем засега е безбеден и сигурен, па со три бода или бод, стружани повеќе од сигурно ќе го обезбедат опстанокот.

Локомотива ќе го предизвика Вардар за трите бодови како домаќин на Градскиот стадион во Кичево. Теренот на Локомотива е суспендиран после инцидентот со Беласица, но тоа нема да биде пречка за Локомотива, која во Кичево ќе сака да извлече позитивен резултат од лидерот Вардар.

Три бода или бод ќе биде повеќе од позитивен резултат на Локомотива која е на 12-тото место со 20 бодови, а за Вардар само триумф и три бода е во мислите, бидејќи со „кикс“, може да го загуби првото место.

Најтрофејниот македонски фудбалски клуб игра во одлична пролетна форма и успеа да се искачи на врвот од Втората македонска фудбалска лига и продолжува да гази кон конечен кам-бек во фудбалската елита на Македонија.

Колото ќе биде комплетирано в среда со директната дерби-пресметка за Прва лига помеѓу Воска Спорт и Пелистер, која се игра во Охрид, а гледачите на телевизија М Нет во ЖИВО преку директен пренос ќе може да уживаат во големото соочување.