Депонијата над село Таринци во лоша состојба и покрај тоа што е чистена пред два месеци

Различен вид на отпад, пластика, непотребни работи од домаќинството, земја и градежен шут. Вакква е сликата на депонијата над село Таринци во Општина Карбинци. Дополнително неподнослива миризба и секакви животни. И покрај тоа што депонијата била чистена пред два месеци, како што истакна градоначалникот Виктор Паунов, сепак таа и денеска е во лоша состојба. Граѓаните кои имаат ниви и обработливи површини на овој потег реагираат дека секојдневното минување од овде воопшто не е пријатно и треба да се презвземат мерки за расчистување на овој простор. Паунов во телефонски разговор за М-Нет телевизија истакна дека колку што дозволуваат условите се излегува на терен и се работи на чистење на депониите во карбинскиот регион.

„Депониите во Општина Карбинци во изминатиот период тековно се уредуваат, но се уредуваа и во поголеми активности. Тоа значи дека барем неколку пати годишно треба да превземе активности кон прибирање на тој смет или дислокација, она што ни го нуди самата територија на таа депонија. Се во завиосност од активностите кои ќе бидат во иднина на онаа депонија која ќе се наоѓа кај Мечкуевци, така ќе ги интензивираме и уредувањата на овие наши локални депонии. Меѓутоа, во послениот период може да забележиме дека навистина се уредуваат онолку колку што можеме со наши ресурси и самите места на тие депонии“ – кажа Паунов.

Моментално јавното претпријатие во Општина Карбинци располага со екипи и механизаицја за цистење на депониите, а во оваа прилика Паунов уште еднаш апелираше до граѓаните да бидат совесни и да не исфрлаат градежен шут околу депониите или на места кои не се за таа намена.

„Јавното претпријатие располага со неколку машини во овој дел, меѓутоа ние ја имаме и онаа рамковна набавка за користење на градежни машини за уредување на ваквите депонии кои ги користевме во периодот кој измина за доуредување. Таква е последна ситуацијата со депонијата во Аргулица каде што комплетно ја исчистивме, ја доуредивме и отворивме еден нов дел кој е помалку опасен за околината каде ќе се депонира отпадот. Ние континуирано апелираме до населението во Општина Карбинци, ставивме и табли на местата каде е забрането да се фрла оваков градежен шут или покрај депониите, а не во самите депонии, се надевам дека света кај граѓаните ќе проработи“ – додаде Паунов.

Паунов исткана дека во летниот период повторно ќе се реагира и ќе се чисти депонијата над село Таринци.

Лаура Стојанова М-Нет