Дел се откажаа, друг дел протестираат, општините во кочанско сами се справуваат со ѓубрето

Дел од здруженијата кои протестираа за чист воздух на градската депонија во Кочани се повлекуваат. Претседателката на здружението „Green org“, Ана Симонова, посочува дека барањата се исполнети и нема причина поради која би биле блокирани кочанските возила кои го депонираат ѓубрето од градот. Вели дека членовите на ова здружение се повлекуваат, и се надева дека институциите ќе ги исполнат ветените барања.

„Во рок од три дена видовме сериозност од страна на институциите која досега ја немаше и видовме дека може да се направи и преземе нешто. Ние како здружение имаме став дека веќе комуналните возила треба да се пуштаат за да не се предизвика нова еколошка катастрофа, како и да се врши постојан мониторинг на работата и активностите на депонијата. Моментално дотурот на отпад е стопиран од другите општини и не гледаме причина зошто отпадот од Кочани да не се носи на депонијата“ – вели Симеонова.

И додека дел од граѓаните се повлекуваат, друг дел и понатаму четврти ден по ред се на старата локација, патот кон Пониква, на влез во селото Бели. Децидни се дека продолжуваат со протестите, односно со целодневната „депонијада“.

Во меѓувреме соседните општини Чешиново-Облешево, Зрновци и Виница бараат алтернативни решенија за да се справат со нивниот отпад. Веќе четврти ден тие не го депонираат ѓубрето на градската депонија во Кочани. Во Виница денеска на совет се донесе одлука за реактивирање на веќе затворената депонија во близина на село Лески.

Во Општина Зрновци нема простор за активирање на нова депонија и создавање на нови диви депонии. Градоначалникот Борчо Коцев посочи дека ќе се работи на рециклирање на отпадот.

„Во Општина Зрновци нема да се активира нова депонија, а нема простор ниту за создавање на нови диви депонии. Ѓубрето, односно пластиката и хартијата ќе се рециклираат, додека останатиот отпад ќе се собира во близина на фабриката, се додека не се дозволи негово депонирање на депонијата во Кочани. Општина Зрновци денеска на совет издвои средства за уредување на депонијата во Кочани “ – вели Коцев.

Единствен излез од ваквата ситуација е изградбата на регионалната депонија во Свети Николе со што целиот отпад ќе завршува таму.

Лаура Стојанова М-Нет