„На седницата на Уставниот суд конечно се разгледуваше Иницијативата поднесена од Левица за оценување на уставноста на одредбите од Изборниот законик кои единствено на Левица ѝ го ускратија и ќе и го ускратат правото за време на изборната кампања да се рекламира на телевизија, радио, интернет-портали и билборди“, велат од партијата Левица.
„Иако поради недоволен број гласови не беше донесена одлука и предметот останува отворен во фаза на гласање, денешната расправа ја откри неспорната вистина за која и дел од уставните судии се согласија, а тоа е дека постои нееднаков третман и дискриминација врз Левица.
И покрај тоа што на седницата беа изнесени низа фрапантно нестручни и правно неиздржани аргументи, трагични особено за уставни судии, како и излагања кои наликуваа на оние на портпаролите на ДПМНЕ, во прилог на отфрлањето на Иницијативата – дел од судиите укажаа дека политичкиот плурализам е невозможен без еднакви услови за политички натпревар.
Беше потенцирано дека фактот што за ова прашање се одлучувало во 2023 година не значи дека тогашната одлука треба догматски да се репродуцира бидејќи постојат нови околности кои претходно не биле разгледувани и предвидени.
Дел од судиите правилно укажаа дека нееднаквиот третман не завршува со ограничување на медиумскиот простор, туку директно влијае врз самиот изборен резултат. Изборниот исход не може да се смета за објективен ако уште во првата фаза од изборниот процес еден учесник е ставен во нерамноправна положба и му е ускратена можноста својата политичка програма да ја претстави под исти услови како сите останати. Повредата на начелото на еднаквост не започнува со броењето на гласовите, туку многу порано – во моментот кога на еден политички субјект му се одземаат еднаквите услови за политички натпревар.
Тоа беше суштинската порака на дел од уставните судии, кои препознаа дека еднаквоста мора да постои во целиот изборен процес, а не само на денот на гласањето.
Од друга страна, беше поразително да се слушнат излагањата на судиите Татјана Васиќ-Бозаџиева, Добрила Кацарска, Фатмир Скендер и Насер Ајдари. Игнорирајќи го Уставот, својата функција и надлежноста на Уставниот суд, тие останаа цврсто приврзани за одлуката од 2023 година, иако околностите врз кои тогаш се темелела таа одлука – денес се суштински изменети.
Во 2023 година не постоеше денешната еклатантна и практично докажана дискриминација што произлезе од примената на спорните законски одредби, ниту пак постоеше конкретното искуство од изборен процес во кој една парламентарна партија беше целосно исклучена од платеното политичко рекламирање и воопшто можноста да се рекламира како сите останати политички партии.
Уште позагрижувачки беше фактот што, и покрај свесноста за бројните мислења, анализи и извештаи на релевантни институции во кои експлицитно се констатира дискриминацијата, нееднаквоста и нецелисходноста на оспорените одредби, дел од судиите јавно изјавија дека сакале едноставно да останат ʼдоследни на себеʼ, односно доследни на својата претходна одлука од 2023 година. Така, доследноста пред себе, ја поставија над должноста да ја штитат уставноста. Наместо да ја преиспитаат претходната позиција во светло на новите факти, тие избраа да ја бранат сопствената непогрешливост.
Не помалку апсурдни беа и аргументите дека евентуалното укинување на спорните одредби би создало правна празнина, бидејќи политичките партии тешко постигнувале консензус за Изборниот законик. Со ваквиот пристап, дел од судиите практично признаа дека при оценувањето на уставноста не тргнуваат од Уставот, туку од политичките последици што евентуално би ги произвела нивната одлука. Уставниот суд не постои за да ја проценува удобноста на законодавецот, ниту да ја амортизира неговата неспособност да постигне политички договор, туку за да ги отстрани од правниот поредок нормите што се спротивни на Уставот.
Дополнителен парадокс претставуваше и ставот дека доколку одредбите не биле добри, Собранието требало само да ги измени. Со таквото резонирање, самиот ја доведе во прашање смислата на постоењето на Уставниот суд. Ако противуставноста треба да ја поправа законодавецот по сопствено убедување, тогаш која е уставната функција на Судот? Да констатира дека постои проблем, но да не интервенира?!
Денешната расправа покажа дека правниот проблем повеќе не е спорен – спорна останува само подготвеноста на дел од уставните судии да го применат Уставот под притисок да не го стпрат тоа од страна на ДПМНЕ и другите олигархиски партии.
Кога една парламентарна партија може со закон да биде единствена исклучена од медиумскиот простор, а дел од судиите и понатаму тоа го сметаат за прифатливо само затоа што некогаш претходно донеле поинаква одлука, тогаш не станува збор за заштита на правната сигурност, туку за опасна релативизација на уставните начела. Уставниот суд не смее да биде институција што ја конзервира неправдата“, се наведува во соопштението на партијата Левица.
Текстот „Дел од уставните судии потврдија дека со Изборниот законик Левица е ставена во нерамноправна положба и дискриминирана“, велат од партијата е превземен од МАКФАКС.