Двојна радост за Штип: Љупче Михајлов и Марко Џорлев со бронзени медали од Младинската карате лига во Пореч

Голем успех за македонското карате и особено за Карате клубот Штип! Младите каратисти Љупче Михајлов и Марко Џорлев се закитија со бронзени медали на силниот меѓународен турнир – Младинската светска карате лига што се одржа во Пореч, Хрватска.

  • Љупче Михајлов – пет победи, пораз од шампионот

Штипјанецот Љупче Михајлов имаше извонреден настап, совладувајќи ривали од Холандија, Чешка, Австрија, Полска и Словачка, со што избори пласман во полуфиналето. Таму, во жесток и неизвесен дуел, загуби од актуелниот светски и европски шампион Питсул од Украина со 5:3 – меч во кој двапати водеше.

Тренерите на Карате клуб Штип, Жарко и Сашко Арсови, не го криеја задоволството.

„Ова е огромен резултат и уште еден доказ дека сме на вистинскиот пат. Целта останува медал на Европско и Светско Првенство.“

  • Марко Џорлев – триумфален репасаж и бронзен медал

Уште еден голем успех запиша Марко Џорлев, кој во воведните борби победи каратисти од Хрватска (4:0) и Белгија (4:0), пред да загуби од Чешка. Сепак, преку репасажот покажа карактер и квалитет – совладувајќи каратисти од Украина (5:3) и Германија (1:0). Во мечот за бронзата, повторно беше поуспешен од украински каратист со 5:3, што му донесе пласман на пиедесталот.

  • Одлични настапи и на останатите штипски каратисти

Добар настап имаше и Мила Панчева, која ја победи каратистката од Молдавија, а беше елиминирана од Италијанка по судиско гласање при резултат 0:0. Драгана Ефтимовска заврши на петтото место, додека Душица Бреслиева и Џем Пашов не забележаа победи.

Штип и Македонија можат да се гордеат со овие талентирани млади спортисти, кои се доказ дека македонското карате има светла иднина.

Александар Ванев, М-Нет