Две недели ЈП Исар без директор, Јорданов се сомнева за намерно одолговлекување на процедурата

Втора недела откако Јавното претпријатие Исар практично работи без директор. На 21 декември годинава првиот човек на Штип, Иван Јорданов најави дека во директоркста фотелја на штипски Исар ќе седне Трајан Коцев. И по десет дена ова остана само најава бидејќи примопредавање практично немаше, а поранешниот директор Трајче Здравков веќе работи како шеф на кабинет. Јорданов вели дека комуницираат со раководителите на сектори во претпријатието и на тој начин истотото функционира без директор.

„Мислам дека ова ќе создаде одредени проблеми во овој период на функционирање затоа што станува збор за едно динамично претпријатие кое на дневна основа има потреба од менаџирање. Во овој момент ние комуницираме со вработените, има претпоставени и раководители на сектори кои секојдневно ја обавуваат својата работа, но за подобро функционирање и подобро менаџирање на работите “ – вели Јорданов.

Јорданов вели дека постои сомнеж за одолговлекување на целата работа за претпријатието да биде нефукционално. Додава дека тоа нема да го дозволат и ако во наредниот период не се стави во мирување работата на Коцев во МВР, ќе се именува нов в.д. директор на ЈП Исар.

„Не сакам да верувам дека ова е тенденциозно и намерно се развлекува периодот на потпишување на тоа потребно решение за менување на работниот однос. Ќе оставам уште извесно време да сам себеси ги демантирам сомнежите. Сакам да верувам дека ова е постапка и процедура која го следува секој еден граѓанин, но поучен од искуствата сепак имам сомнежи дека намерно се одолговлекува периодот на добивање на извршување на работниот однос за да се создадат проблеми во функционирањето на јавното претпријатие. Секако нема да го дозволиме тоа.“ – додава Јорданов.

Трајан Коцев треба да седне во директорската фотелја на местото на Трајче Здраков. Коцев е поранешен директор на детската градинка Вера Циривири Трена, а моментално е вработен во МВР.

Лаура Стојанова М-Нет