Давид Масевски потпиша за словачкиот ЗФК Тренчин и сонува за топ 5 лигите

21-годишниот кумановски фудбалер Давид Масевски направи нов важен чекор во својата кариера, откако потпиша договор со словачкиот ЗФК Тренчин. Масевски настапува на позицијата лево крило, а договорот со клубот го потпиша во понеделникот, додека во петокот официјално беше регистриран како фудбалер на Тренчин.
Масевски веќе десет години е во фудбалот. Првите чекори ги направил во ГФК Куманово, по што краток период бил дел и од ФК Речица. Следувало заминување во Шведска, каде што добил можност за интернационално искуство во Кирна ФФ, но поради тоа што тогаш имал само 17 години и се соочил со проблеми со документите, неговиот престој таму бил краток.
Потоа патот го одвел во Шпанија, каде што продолжил да работи на својот развој и да собира искуство низ тренинзи и натпревари со Б-тимови и екипи од пониските лиги. Во тој период Масевски бил дел од Хуеска Б, Алкоркон Б и Реал Карабанчел.
Токму во Шпанија бил забележан од скаутот Федиуков, преку кого добил можност да пристигне на пробен тренинг во Тренчин. Настапот на тренингот бил доволен за клубот да донесе одлука веднаш да го ангажира.
За младиот кумановец, ова е голема мотивација и потврда дека вложениот труд почнува да дава резултат.


Во Тренчин Масевски работи и со Мирослав Ухрин, помошник-тренер во прволигашката екипа на АС Тренчин. Постои можност на полусезоната да добие шанса да се приклучи и на првиот тим, но самиот фудбалер е внимателен и не сака да ветува ништо однапред.
„Најважно ми е сега да работам, да се докажувам и да ја искористам секоја можност што ќе ја добијам“, вели Масевски.
А амбициите се големи. Новиот договор со Тренчин за него е само една скала во патот кон најголемата цел – еден ден да заигра во една од Топ 5 лигите во Европа.
Поддршката од тренерот и скаутот, кои го препознале неговиот потенцијал, дополнително го мотивира 21-годишниот фудбалер да продолжи со напорна работа и постепено да го гради својот пат кон највисокото европско фудбалско ниво.