Густ распоред пред второлигашите – борбата за опстанок се разгорува, а ќе биде неизвесно и околу местата за Прва лига!

По девет кола во Втората лига продолжува неизвесноста пред се околу избегнување на зоната за директно испаѓање во Трета лига. Неколку екипи во претходните колку забележаа позитивни резултати со кои пополека прогресираат и прават „бегство“ од долниот дел, но има и екипи кои се во длабока резултатска криза.

Според формата од последните пет натпревари само четири екипи немаат пораз, тоа се Брегалница и Шкендија Арачиново кои имаат четири победи и едно реми, а пак Охрид и Детонит Плачковица имаат три победи и две ремија.

Во најдлабока резултатска криза останува Слога Виница, која има пет порази во низа од последните пет натпревари, па повратникот во Втората лига се соочува со голема серија негативни резултати и од коло во кола се продлабочува само таа резултатска криза.

Брегалница и Шкендија Арачиново остануваат двете непоразени екипи кои по девет кола имаат идентична форма од седум победи и две ремија и се наоѓаат на делба на првото место со по 23 бодови. Охрид продолжува да го напаѓа врвот со тоа што е на третото место со 18 бодови, но „рибарите“ имаат пет бода негатива. Скопје и Детонит Плачковица го делат четвртото место со по 17 бодови, а потоа на табелата следуваат Кожуф и Беласица кои го делат шестото место со по 16 бодови.

Кожуф им се врати на победите откако го доби тимот на Слога Виница со 0:2 во претходното коло, а штипскиот стратег кој го води тимот од Гевгелија го коментираше мечот во Виница со изјава за М Нет телевизија.

„Останавме доследни и покрај промашениот пенал, екипата карактерно издржа, што е нормално да има таква некоја реакција по промашен пенал. Но, останавме доследни како што кажав и на крај успеавме заслужено да дојдеме до трите бода“, вели тренерот на Кожуф, Иван Варадиновски.

Беласица со трите порази во низа веќе започнува сериозно бодовна да заостанува од Брегалница, па така Беласица со 16 бодови во однос на лидерот од Штип има седум бодови негатива.

Осогово и Новаци го делат осмото место на табелата со по 13 бодови, а во бараж зоната е Саса и Победа со по десет бодови на своите конто.

Сега екипата на Вардар Неготино се спушти во зоната за директно испаѓање со девет бодови. Тетекс влезе во длабока резултатска криза со четири порази и едно реми од последните пет меча, па тетовските „штофари“ со седум бодови се наоѓаат на 13-тото место. Преспа со триумфот токму над Тетекс дојде до шест бодови, а тимот од Ресен е на 14-тото место на табелата, па така се зголемуваат шансите во трката за опстанок, бидејќи има само четири бода негатива од бараж зоната, а седум бодови од зоната за директен опстанок.

На дното промени нема и натаму остануваат Слога од Виница со три бодови, како и Големо Коњари кој исто така има три бодови.

Пред второлигашите следува недела со густ распоред, бидејќи в сабота на 1 ноември на програмата ќе бидат натпреварите од 10. коло, потоа на вторник на 4 ноември следуваат натпреварите од 11. коло, а веќе следната сабота на 8. ноември ќе бидат натпреварите од 12. коло.

Во една недела три натпревари, а токму овие девет бода ќе направат сериозни промени на табелата и многу појасна слика, бидејќи сигурно е дека ќе има значителна филтрација на екипите особено околу зоната за опстанок.

Александар Ванев, М-Нет