Густа магла во Штип, граѓаните го чувствуваат загадениот воздух, лекарите со препораки

Густа магла во Штип, забележително загадување на воздухот, лекарите со препораки, граѓаните со заштитни маски. Во последните десет дена се забележува надминување на 24 часовните концентрации, велат од лабораторијата „Амбикон“, при УГД Штип, а дополнително надминат е и прагот на дозволени денови со загадување на воздухот. До сега во Штип има 41 ден со пречекорување на дозволените дневни концентрации.

„Во моментот периодот е интересен со тоа што немаме струење на воздухот, односно се јавува таа инверзија и со појавата на температурната инверзија топлиот воздух се наоѓа погоре, а ладниот воздух е долу и со тоа маглата го стиска воздухот надолу, со што се создаваат уште повисоки концентрации.“ – вели Самарџиски.

Густата магла е природна појава, велат граѓаните на терен во Штип, но истата заедно со загадениот воздух влијаат врз здравјето пред се на повозрасните граѓани како и оние со хронични заболувања.

Загадениот воздух почна да ги полни и амбулантите, граѓаните се жалат на проблеми како болка во грлото, кашлица, малаксаност. Лекарите предупредуваат непотребно да не се излегува надвор, а доколку за тоа има потреба да се користат заштитни маски.

„Препораките се оние кои немаат потреба, особено луѓе кои имаат проблеми со респираторни болести, како и лицата со кардиоваскуларни заболувања и децата да не се движат непотребно. Ако сепак обврските и нивните потреби бараат да се движат да биде тоа со заштитна маска.“ – вели Митрова.

Загадувањето на воздухот начесто се јавува во зимскиот период, заради ниските температури, користењето на дрва за огрев, сообраќај и слично.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет