Гужва пред банкоматите, пензионерите побрзаа за пензија повисока за 600 денари

Гужва пред банкоматите во Штип, пензионерите побрзаа да ја извдат пензијата повисока за 600 денари. За некој килограм сирење, за други кутија лекови, пензионерите велат дека овие пари нема да сменат ништо во нивниот скромен пензионерски Буџет. Покачувањето треба да биде најмалку пет илјади денари за да може да се купи барем нешто и да се помине месецот. Со сегашните примања пари има само за лекови, сметки, и за најосновниите производи за храна.

„Нема да знаеме што да правиме со тие пари, има шанси дури и да останат. 600 денари, 10 евра, а еден килограм сирење е 560 денари, и завршена работа. Многу малку е тоа за нас. Они може да си покачат нивните примања 78%, а наште за 5%. Пензиите се на многу ниско ниво кај нас, а стандардот на живот многу се зголеми.“ – велат пензионерите.

Пензионерите добија пензија повисока за 5% согласно податоците на Завод за статистика за стандардот за живот. Усогласувањето на пензиите се прави двапати годишно во месец март и во месец септември. Моментално пензионерите добиваат и помош од 3000 денари, а за линеарно покачување на пензиите постојано протестираат на улица.

Лаура Стојанова М-Нет