Светската банка активно ги поддржува активностите на Народната банка за интегрирање на домашниот финансиски систем во европската платежна инфраструктура, со посебен акцент на воспоставувањето национален систем за инстант плаќања, неговото регионално поврзување со платните системи на земјите од Западен Балкан и интегрирањето со ТИПС – системот за порамнување на инстант плаќањата на Европската централна банка.
Ова беше истакнато на средбите на гувернерот Трајко Славески со заменик-претседателката на Светската банка, Антонела Басани, и со извршниот директор на Светската банка за Конституенцата во која членува нашата земја, Јуџин Ругенат. Средбите се одржаа во рамките на Годишните средби на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Групацијата на Светската банка (СБ), при што беа разгледани тековните активности и следните чекори за модернизација на платните системи, дигитализација на плаќањата и за натамошно усогласување на националната регулатива со европската правна рамка.
На средбите Славески истакна дека една година по приклучувањето на нашата земја кон Единствената област за плаќања во евра – СЕПА, оваа иницијатива прерасна во водечки канал за извршување и примање прекугранични плаќања во евра, носејќи конкретни и видливи придобивки за граѓаните и бизнис-заедницата, но и за економијата во целина.
Во овој период, приоритет на Народната банка е воспоставувањето национална платформа за инстант плаќања, заснована врз моделот на европскиот систем ТИПС, што ќе претставува значаен исчекор во модернизацијата на домашната платежна инфраструктура. По воведувањето на инстант плаќањата на домашниот пазар, следниот чекор ќе биде регионалното поврзување со платните системи на земјите од регионот и нивното интегрирање во поширокиот европски платежен простор. На тој начин ќе се создадат услови за инстантно извршување и на прекуграничните плаќања, што ќе придонесе за продлабочување на економските врски со регионалниот и европскиот пазар, зголемување на ефикасноста на плаќањата и поддршка на економскиот раст.
На средбите со високите претставници на Светската банка беше потврдено и значењето на долгогодишното партнерство во спроведувањето на повеќе проекти за кои Светската банка обезбедува техничка поддршка за Народната банка. Континуираната соработка придонесува за зајакнување на механизмите за одржување на финансиската стабилност, унапредување на регулативната и супервизорската рамка, развивање и спроведување макропрудентни политики, модернизација на платните системи и подобрување на управувањето со ризиците.
Продолжувањето на ова партнерство претставува важна поддршка за натамошниот развој на финансискиот систем во нашата земја, зголемувањето на неговата отпорност и поефикасното поврзување со европската и регионалната финансиска инфраструктура, соопштија од НРБМ.
Текстот Гувернерот Славески на средба со високи претставници од Светската банка: поддршка за модернизација на платните системи и интеграција во европската платежна инфраструктура е превземен од МАКФАКС.