ГРОМ: Владата не смее да посегне по средствата од вториот пензиски столб

Граѓанската опција за Македонија (ГРОМ) се спротивстави на, како што наведува, заложбите за укинување на вториот пензиски столб и префрлање на средствата во првиот пензиски фонд, оценувајќи дека таков потег би го загрозил долгорочниот пензиски систем.

Од партијата посочуваат дека вториот пензиски столб е воспоставен врз основа на анализи на ММФ и Светската банка, со цел да се обезбеди долгорочна одржливост на пензискиот систем.

Според ГРОМ, средствата во вториот пензиски фонд се приватна сопственост на осигурениците и не смеат да бидат предмет на интервенција. Во соопштението се наведува дека евентуално користење на тие средства би имало негативни последици врз идните генерации пензионери.

Партијата ја обвинува ВМРО-ДПМНЕ дека со законски измени во изминатите години придонела за зголемување на дефицитот во пензискиот систем, преку намалување на придонесите и други, како што наведува, популистички мерки.

Од ГРОМ порачуваат дека ќе се спротивстават на каква било интервенција во вториот пензиски столб, оценувајќи дека стабилниот пензиски систем претставува еден од најважните стратешки интереси на државата.

Текстот ГРОМ: Владата не смее да посегне по средствата од вториот пензиски столб е превземен од МАКФАКС.