
Со апелот од страна на МВР, за новогодишните и божиќни празници да не се користат пиротехнички средства, согласни се и поголем дел од анкетираните граѓни во Штип. Велат дека петардите се опасни, а уште повеќе загрижува фактот што пред Нова година се користат од страна на млади и деца. Затоа додаваат дека неопходно е да се казнува, со цел да се намали користењето на пиротехника, ама децидни дека казнувањето треба да започне од продавачите на петрди.
„Начисто, јас сум за тие работи да се отргнат. Тој што произведува треба да се казне, има аномалии колку сакате.“ – велат граѓаните.
Од МВР апелираат за празниците да не се користат пиротехнички средства со цел поголема безбедност за граѓаните. Дополнително, Законот за прекршоци против јавниот ред и мир во член 31 предвидува глоба за оној кој неовластено употребува пиротехнички средства. Согласно Кривичниот законик, во член 396 е предвидено недозволеното изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи, при што:
Тој кој што неовластено изработува, држи, продава, набавува или врши размена со огнено оружје, муниција или експлозивни материи, ќе се казни со затвор од три до десет години; Ако предмет на делото од ставот 1 е поголемо количество на огнено оружје, муниција или експлозивни материи, или огнено оружје, муниција или експлозивни материи кои на граѓаните им се забранети, сторителот ќе се казни со најмалку пет години затвор.
Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет