Граѓаните согласни за евтина дневна тарифа на струја, Регулаторна уште ја разгледува можноста

Регулаторната комисија за енергетика веќе три месеца ја разгледува опцијата да се врати евтина дневна тарифа на струја. Претседателот, Марко Бислимовски, најави дека тоа би можело да се случи во јули месец, бидејќи берзанските податоци се многу пооптимистични. Тоа би значело дека во одреден период на денот цената на струјата би била значително пониска од цената која се плаќа во првиот тарифен блок, односно од 7,41 денар за киловат час. Граѓаните се согласни дека тоа треба да се случи, имајќи ја предвид и така високата цена на струјата.

Конечен став Бислимовски најави за две до три недели, а до тогаш граѓаните ќе продолжат да ја користат вечерната евтина тарифа со цел, како што велат, колку-толку да ги намалат сметките за струја. Сепак, дел од граѓаните посочуваат дека се обидуваат да штедат и навечер со истата цел.

Евтината дневна тарифа за граѓаните беше воведена во октомври 2017 година, а укината на 1 јануари 2022 година, кога имаше и поголемо зголемување на цената на електричната енергија за 9,48 отсто. Пред нејзиното укинување, граѓаните можеа да користат евтина струја секој ден во периодот помеѓу 14 и 16 часот. Во моментов, евтина струја за граѓаните има само во текот на ноќта – од 22 до 7 часот секој ден, како и цел ден во недела.

Ребека Спасова М-Нет