Голем пожар во атар на штипско Калапетровци, огнената стихија на Серта е под контрола

Голем шумски пожар во атар на штипско Калапетровци, од вчера ги пренасочи противпожарните екипи кои изминативе денови гаснеа на планината Серта. На терен е и директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, кој посочи дека се вклучени 15 пожарникари, а од воздух гаснат и два „ер-трактори“ на Дирекцијата на заштита и спасување.

„Правиме хеликоптерско извидување на шесте активни пожари коишто од вчера продолжија да горат и во текот на денешниот ден. Во овој момент се наоѓаме на територијата на Штип, атар на селата Кошево и Калапетровци каде што во текот на ноќта гореше многу силен пожар. Овде на лице место се штипските пожарникари коишто се горат со огнените стихии, истовремено им помагаат два „ер-трактори“ на Дирекцијата за заштита и спасување“, вели Ангелов.

Во моментов сериозен пожар има и на териториите на Македонски Брод и Демир Хисар, кој се на речиси непристапни терени, па се вклучени едниот „ер-трактор“ и полициски хеликоптер. Само во текот на вчерашниот ден имало 60 пожари на отворен простор. Токму поради тоа Ангелов вели дека не може да се реагира на повеќе места во исто време и апелираше на внимание и помош од граѓаните и градоначалниците.

„Апелирам до сите граѓани да бидат исклучително внимателни, апелирам до градоначалниците кога ќе дојде до пожар на отворено, да дадат сѐ од себе со помош на храбрите пожарникари од локалната територијална противпожарна единица, потоа од соседните противпожарни единици, да се обидат да го совладаат пожарот. Нашите летала се со лимитиран број и е невозможно на 10, 20 или 30 места истовремено да се испрати воздушна поддршка“, додава Ангелов.

Огнената стихија на планината Серта во моментов е под контрола, но по завршувањето на интервенцијата на пожарот кај Калапетровци, пожарникарите и авионите ќе бидат насочени кон планината Серта, каде што од петокот горат нискостеблести растенија и шума.

Ребека Спасова М-Нет