Големи одрони на патот с. Истибања – Мак. Каменица, се препорачува голема внимателност

Големи одрони утрово го зафатија патниот правец село Истибања – Македонска Каменица. Земја и поголеми камења се срушиле врз коловозот, по обилните врнежи од дожд од вчерашните и раните утрински часови. Екипи на „Македонија пат“ веднаш излегле на терен и успеајале да го расчистат коловозот за многу кратко време. Сепак, од таму предупредуваат дека опасноста се уште не е помината, бидејќи теренот е натопен и постои ризик од нови одрони. Возачите се повикуваат на крајна внимателност и да ја следат поставената сигнализација.

„Во раните утрински часови се случија нови големи одрони на патниот правец Село Истибања- Македонска Каменица, поточно во близина кај браната Калиманца. Нашите екипи веднаш излегоа на терен и за кратко време истите беа исчистени. Екипи имаме на сите патни правци, немаме ограничување, нема застои.

Иако патот е прооден и чист, тие остануваат на линија, бидејќи секој нов пороен дожд може повторно да предизвика други одрони на овој дел од патниот правец.Препорачуваме возачите да ја почитуваат поставена сообраќајна сигнализација и да се прилагодат на условите на патот за возењето во моментот, се со цел да нема несакани последици.“, велат од Македонија пат

Иако екипите на Македонија пат се на терен и реагираат навреме, опасноста од нови одрони и понатаму е присутна. Врнежите не стивнуваат, а натопеното тло на повеќе места ја губи стабилноста, особено на планинските патишта. Одрони се појавуваат ненадејно, па затоа возачите се предупредуваат да внимаваат на овие делови со предупредувачка сигнализација. Надлежните апелираат на зголемена претпазливост и почитување на сообраќајните правила, бидејќи една мала невнимателност може да заврши со несреќа. Истокот, велат, и понатаму останува под посебен надзор, се додека дождот не престане и патиштата целосно не се стабилизираат.

Иван Митев, М-Нет