
Новата сезона во Купот на Македонија започна со убедливи резултати, откако на четирите натпревари од 1/16-финалето фаворизираните екипи без поголеми проблеми обезбедија пласман во следната фаза.
Најубедлив триумф оствари Македонија ЃП, која со неверојатни 0-14 славеше против Влазними Јуниор. „Лавовите“ уште од самиот почеток наметнаа целосна доминација и до крајот не му оставија простор на противникот да се надева на позитивен резултат.
Висока победа забележа и Струга Трим Лум, која со 1-10 на како формален гостин на свок терен ја совлада третолигашката Победа од Валандово. Стружани ја оправдаа фаворитската улога и со одлична реализација стигнаа до убедлив триумф и продолжуваат во следната куп-фаза.
Брера Струмица, пак, со 0-8 го декласираше Венец од Долни Дисан во натпреварот кој се одигра на Градскиот стадион во Неготино. Струмичани немаа поголеми проблеми во текот на мечот и рутински ја завршија работата.
Пелистер исто така беше убедлив, откако битолчани со 1-6 славеа на гостувањето кај Студеничани. Домаќинот успеа да постигне еден погодок, но Пелистер во продолжението ја покажа разликата во квалитет и заслужено обезбеди место во следната рунда.
Куп-возбудувањата продолжуваат утре во Свети Николе, каде третолигашот Овче Поле ќе се соочи со прволигашот Вардар, кој ќе биде апсолутен фаворит.
Александар Ванев, М-Нет